Дали некогаш сте се запрашале како би изгледало зајдисонце на Уран?
Како што можете да видите на анимацијата подолу,
зајдисонцето на Уран има богата азурна боја што згаснува во кралска сина боја со примеси на тиркизна. Оваа сино-зелена боја доаѓа од интеракцијата на сончевата светлина со атмосферата на планетата. Кога сончевата светлина (која е составена од сите бои на виножитото) ќе стигне до атмосферата на Уран, водородот, хелиумот и метанот го апсорбираат црвениот дел на светлината. Сината и зелената светлина со пократка бранова должина се расфрлени, додека фотоните ги одбиваат гасните молекули и другите честички во атмосферата. Сличен феномен прави небото на Земјата да изгледа сино.
Геронимо Вилануева, планетарен научник од вселенскиот центар за лет на НАСА, „Годард“, создаде симулации на зајдисонце додека создавал компјутерска алатка за моделирање за можна идна мисија на Уран. Еден ден сондата би можела да се спушти низ уранската атмосфера, при што алатката на Вилануев би им помогнала на научниците да ги интерпретираат мерењата на светлината.
За да се потврди точноста на неговата алатка, Вилануева симулирал познати небесни бои на Уран и на другите светови од кои некои се прикажани погоре. Како што овие светови се оддалечуваат од светлината на Сонцето, фотоните се расфрлени во различни насоки во зависност од енергијата на фотоните и видовите молекули во атмосферите. Резултатот е прекрасна палета на бои видлива за оние што се наоѓаат на овие светови.
Овие симулации на небото сега се дел од широко користената онлајн-алатка наречена „Планетари спектрум џенерејтор“, развиена од Вилануева и неговите колеги од „Годард“. Генераторот им помага на научниците да реплицираат како светлината се пренесува преку атмосферите на планетите, егзопланетите, месечините и кометите за да разберат од што се создадени нивните атмосфери и површини.
Фото: Screenshot/YouTube