Дождот и лошото време се едни од најголемите разочарувања за туристите, но италијанскиот остров Елба одлучил да му стави крај на тоа. Имено, тамошните жители покренале иницијатива за добро време според која, ако во текот на вашиот престој на островот врне подолго од два часа во текот на кој било ден, ќе ви бидат вратени парите за едно ноќевање. Ако врне два или повеќе часа во текот на целиот одмор, хотелиерите ќе ви го вратат целиот износ што сте го уплатиле.
Иницијативата всушност и не е нова - неколку хотели веќе имаа слична практика, но поттикнувањето сите хотели да ја применуваат би требало да ја намали комерцијалната штета настаната поради временската прогноза, смета Клаудио дела Лучија, менаџер за туризам на островот.
- Ова е добро нешто бидејќи ќе ја подобри нашата продажба и букинг-индустријата - додава Волтер Трипичио, менаџер на хотел на островот, кој штотуку се приклучил кон иницијативата, па допрва треба да види какво влијание ќе има ваквата одлука.
Иако во последно време на островот е главно облачно, Трипичио вели дека досега не било потребно да се активира опцијата за враќање на парите.
- Елба е мал остров и е многу ветровито. Времето се менува многу брзо, така што има мала веројатност дека ќе врне подолго од два часа дневно. Можно е, но не често - смета овој хотелиер, а со него се сложува и Дела Лучија, кој истакнува дека во последните пет години во текот на април и мај имало само два дена во текот на кои врнело подолго од два часа.
Имено, посетителите ќе можат да си ги добијат парите назад ако врнело во периодот од 10 до 20 часот, а почесто врне навечер. Ако, пак, има лошо време во текот на одморот, во вратените пари ќе биде вклучен трошокот за сместувањето заедно со данокот, но не и трошоците за оброците, ако биле вклучени во аранжманот.
Иако е познат по кристално сината и смарагдна боја на морето, островот нуди и разновидни содржини, како посета на стари вили во кои престојувал Наполеон.
Новата туристичка стратегија на островот ќе биде во сила до крајот на мај, а потоа повторно од 15 септември до крајот на октомври и повторно од почетокот на петтиот месец идната година. Се чини дека Елба со таквата политика сака да ги охрабри гостите да го посетуваат островот и надвор од
летната сезона.