X
 12.06.2018 Економија

Швајцарците гласаа против промената на банкарскиот систем

Големо мнозинство од швајцарските гласачи го отфрлија радикалниот план за трансформација на швајцарскиот банкарски систем со забрана за комерцијалните банки електронски да создаваат пари кога позајмуваат.

Повеќе од три четвртини ја отфрлија таканаречената Иницијатива за суверени пари, покажуваат официјалните резултати објавени од швајцарската влада. Сите швајцарски самоуправни кантони исто така гласаа против на референдумот на кој требаше да гласа мнозинството од 26. кантони, како и едноставно мнозинство гласачи за тој да биде прогласен за успешен.

Загриженоста поради можните опасности за швајцарската економија со воведувањето на системот „волгелд“ или „реални пари“ изгледа дека ги убеди избирачите да го отфрлат предлогот.

Швајцарската влада, која се спротивставуваше на планот поради неизвесноста што би ја предизвикал, истакна дека е задоволна од резултатот.

- Имплементацијата на таквиот план, кој би предизвикал многу прашања, тешко би можела да биде реализирана без проблеми кои би траеле со години. Швајцарскиот народ во принцип не сака ризик и народот не видел корист од овие предлози. Можете, исто така, да видите дека нашиот банкарски систем функционира... Сомнежите во банките се отстранети - истакна швајцарскиот министер за финансии Уели Маурер.

Целта на референдумот, распишан според швајцарскиот систем заснован на директна демократија, по собирањето на повеќе од 100.000 потписи беше Швајцарската народна банка (СНБ) да биде единствено тело овластено за создавање пари во Швајцарија.

Наспроти вообичаеното верување, повеќето пари во светот не ги произведуваат централните банки, туку електронски се создаваат од страна на комерцијалните позајмувачи кога тие позајмуваат над износот на депозитот што го држат за своите штедачи.

Овој аранжман, поткрепен од уверението дека поголемиот дел од долговите ќе бидат вратени, е темел на глобалниот капиталистички систем, но противниците велат дека е нестабилен бидејќи новосоздадените пари може да ја надминат стапката на економскиот раст.

Фото: N1

Доколку беше одобрен, Швајцарија, која е позната по својата банкарска индустрија, би била првата земја во светот што би го вовела тој систем, наведувајќи ги противниците да го означат планот како опасен експеримент кој би ѝ наштетил на економијата.

Планот можеше да има последици и надвор од швајцарските граници, отстранувајќи ја практиката која е во основата на мнозинството светски банкарски заеми.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија