X
 10.04.2023 Култура

Ова се најскапите серии на сите времиња

Во последните неколку години имаше војна помеѓу најсилните стриминг-платформи како „Нетфликс“, „Дизни+“, „Амазон“, „Епл ТВ“, Ејч-би-о за тоа кој ќе ги лансира позвучните и покомерцијалните, а и најскапите серии.

За неколку години многу високобуџетни серии ги срушија сите досегашни рекорди, чија продукција чинеше стотици милиони долари, но треба да се нагласи дека некои постари серии сè уште се меѓу најскапите снимени досега. Во продолжение ви ги пренесуваме најскапите серии на сите времиња, меѓу кои сигурно ќе има и изненадувања.

1. „Господар на прстените: Прстените на моќта“ - 58 милиони долари по епизода



Ремек-дело на Џ. Р. Р. Толкин стана еден од најголемите светски комерцијални успеси преку екранизацијата на Питер Џексон во 2001 година. И тогаш многу се инвестираше во снимањето на филмот, а не се штедеше ниту за создавање на серијата. Буџетот за првата сезона се проценува на околу 465 милиони долари, а „Амазон“ веќе плати 250 милиони долари во процесот на наддавање за правата на серијата.

2. „Почудни нешта“ - 30 милиони долари по епизода




„Почудни нешта“ е една од најгледаните серии на „Нетфликс“, и со причина затоа што во неа се вложени многу пари. Широката употреба на компјутерски генерирани слики, реалистичните сетови и снимањето на локација го зголемија буџетот на оваа серија и ја направија една од најскапите направени досега.

3. Сериите на „Марвел“ - 25 милиони долари по епизода




Откако „Дизни“ го купи „Марвел“, сериите со суперхерои се појавуваат на секои неколку месеци, а секоја е исклучително скапа.

4. „Пацифик“ - 20-21 милион долари по епизода



Воената мини-серија на Ејч-би-о од 2010 година на Стивен Спилберг и Том Хенкс сè уште ја држи позицијата меѓу најскапите серии некогаш направени. Интересно е тоа што е значително поскапа од попризнаената серија на истото дуо, „Браќа по оружје“.

5. „Куќа на змејот“ - 20 милиони долари по епизода



„Куќа на змејот“ на Ејч-би-о е серија-претходник на популарната серија „Игра на троновите“ и е поскапа од нејзиниот претходник. Иако буџетот беше значително поголем, продукцијата се пофали дека дури и заштедила пари овој пат и покрај повеќето сцени со компјутерски генерирани слики од змејови.

6. „Игра на троновите“ - 15 милиони долари по епизода



„Игра на троновите“ е една од најуспешните и најгледани серии во историјата на телевизијата и тешко би го добила овој статус доколку во неа не беа вложени милиони и милиони долари. Серијата е позната по огромниот број актери, а продефилираа и стотици епизодни актери и статисти.

7. „Мандалоријан“ - 15 милиони долари по епизода




Според многумина, оваа серија е најдоброто нешто што произлегло од франшизата „Војна на ѕвездите“. Специјалните ефекти се фантастични, локациите прекрасни, а само за сцените со Јода се потрошени околу пет милиони долари.

8. „Гледај“ - 15 милиони долари по епизода




Научнофантастичната серија на „Епл“ во дистописки свет со Џејсон Мамоа во главната улога има одлични специјални ефекти. За жал, на фановите на серијата и на овој жанр, серијата има само две сезони и како што стојат работите, нема да се снима друга.

9. „Утринското шоу“ - 15 милиони долари по епизода




„Епл ТВ+“ практично ризикуваше со оваа серија, но се чини дека се исплати. Во серијата нема компјутерски генерирани слики, нема специјални ефекти, ниту снимање на скапи локации, но ги има холивудските актери како Џенифер Анистон, Рис Витерспун и Стив Карел. Доволно е да се каже дека тие се едни од најплатените актери на денешницата.

10. „Ургентен центар“ - 13 милиони долари по епизода



И за крај, можеби најголемото изненадување на листата. Оваа серија имаше неверојатни 15 сезони и доминираше на ТВ-екраните од 1994 до 2009 година, а во оваа серија се појавија десетици познати актери како Џорџ Клуни, Стенли Тучи и многу други. Колку беше популарна, можеби најдобро говори фактот што една од епизодите ја режира Квентин Тарантино.

Извор: Index.hr
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура