X
 21.05.2019 Наука

Зошто треба да ги цениме осите?

Научниците создадоа мапа на популацијата на осите во Велика Британија, покажувајќи ја дистрибуцијата на клучните видови. Податоците забележани од волонтерите даваат увид во тоа каде живеат осите во пасиштата, шумите и во градовите во државата.

Истражувачите велат дека осите се инсекти што заслужуваат поголемо внимание.

Наместо „досадни и бесмислени“, тие всушност се корисни, одржувајќи ја бројката на другите штетници.

Д-р Сеириан Самнер од Универзитетскиот колеџ во Лондон вели дека осите ги контролираат штетниците во природата и дека светот без осите би значел дека ќе треба да користиме многу повеќе пестициди за да ги контролираме другите инсекти.

- Тие се злобници во светот на инсектите - другите инсекти ги гледаат како гангстери. Треба да ги гледаме како корисни инсекти, тие ни прават услуга, а ние воопшто не го гледаме тоа како услуга - вели д-р Сеириан.

Д-р Самнер и професор Адам Харт од Универзитетот во Глочестершир дошле до идејата за „Големо истражување на осите“ за да привлечат внимание кон осите и нивната улога во природниот свет.

Вкупно 2.000 луѓе учествувале во двонеделниот научен проект кон крајот на летото 2017 година, испраќајќи повеќе од 6.000 примероци на оси како примероци за идентификација. Наодите биле искористени за изготвување мапа што покажува дистрибуција на оси и улишта и како тие варираат низ Велика Британија.

Осите од видот „Vespula germanica“ и „Vespula vulgaris“ се најчести (44 отсто). Европската оса (Vespa crabro) била застапена со 6 отсто, а биле пронајдени и два поретки вида.

Професор Адам Харт од Универзитетот во Глочестершир вели дека ова е едноставен, но ефикасен начин за вклучување на јавноста во природниот свет, а истовремено се генерираат податоци со висок квалитет.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука