Истражувачи од Универзитетот во Вашингтон развија иновативен начин за претворање на пластиката во состојки за авионско гориво и други вредни производи, со што го олеснува и го прави поекономично повторното користење на пластиката.
Истражувачите успеале да претворат 90 отсто од пластиката во авионско гориво и други вредни јаглеводородни производи во рок од еден час на умерени температури и успеале да го приспособат процесот на создавање на посакуваните производи. Студентот Чухуа Јиа и вонредниот професор Хонгфеи Лин работеле на оваа
технологија, а нивниот труд е објавен во списанието „Чем Каталисис“.
Пресвртница во рециклирањето на пластиката
Во индустријата за рециклирање клучни се трошоците за рециклирање, па ова може да биде пресвртна точка во комерцијализацијата на новите технологии.
Во последните децении акумулацијата на отпадна пластика предизвика невидена еколошка криза. Со распаѓањето, ситни парчиња микропластика влегуваат во синџирот на исхрана и стануваат закана за здравјето на луѓето. Клучот е рециклирање, но тука започнува низата од проблеми.
Најчестите процеси на механичко рециклирање ја топат и преобликуваат пластиката, но ова ја намалува нејзината економска вредност и квалитетот за употреба во други производи. Рециклирањето на хемикалии може да произведе производи со повисок квалитет, но бара високи температури на реакција и долги времиња на обработка, што го прави прескап и обемен процес за да се користи на дневна основа.
Студентот Чухуа Јиа
Рутениум, јаглерод и растворувачи
Истражувачите развија каталитички процес за ефикасна конверзија на полиетилен во авионско гориво и лубриканти со висока вредност. Полиетиленот се користи во голем број производи - пластични кеси, пластични шишиња за млеко и шишиња за шампон, цевки отпорни на корозија, дрвено-пластични композитни материјали и пластичен мебел.
Истражувачите користеле рутениум на јаглероден катализатор и обични растворувачи. За само еден час тие успеале да претворат околу 90 отсто од пластиката во авионско гориво или други производи од јаглеводороди. И сето тоа на температура од само 220 Целзиусови степени, што е пониско од температурите што вообичаено би се користеле во слични процеси.
Флексибилна постапка
Процесот на третман може да се приспособи, така што со промена на температурата, времето или количината на употребениот катализатор, може да се добијат различни производи.
Истражувачите се обидуваат да ја комерцијализираат нивната идеја и веруваат дека нивниот процес би можел да функционира и кај други видови пластика.
Извор:
News.wsu.edu
Фото: Freepik