Римјаните биле одлични инженери, а сега излегува дека биле и одлични во рециклирање на отпадот.
Истражувачите во Попмпеја, градот кој бил затрупан под дебел слој вулканска пепел кога еруптирал Везув во 79 година, утврдиле дека огромните купишта отпад што очигледно биле исфрлувани надвор од ѕидините на градот всушност биле појдовни точки за циклуси на употреба и реупотреба.
Професорката Алисон Емерсон, американски академик, која е дел од голем тим што работи во Попмпеја, истакна дека ѓубрето било собирано, меѓу другите места, и по должината на речиси целиот надворешен ѕид на северната страна на Помпеја. Некои од купиштата биле високи и по неколку метри и во нив имало и делчиња керамика и гипс, кои потоа можеле да бидат пренаменети во градежни материјали.
За тие купишта порано се мислеше дека биле формирани кога земјотрес го погодил градот околу 17 години пред ерупцијата на вулканот, објаснува Емерсон. Повеќето биле исчистени кон средината на 20 век, но некои сѐ уште се откриваат.
Научните анализи сега нашле траги од дел од отпадот во разни делови од градот - од приградски депозити еднакви на модерни депонии, но и во градот, каде што материјалот бил вметнат во градбите.
Емерсон и археолозите Стивен Елис и Кевин Дикас проучувале како бил изграден овој град.
- Утврдивме дека дел од градот бил изграден од отпад. Купиштата надвор од ѕидините не биле материјал кој се оставал таму за да се ослободат од него. Тие биле надвор за да бидат собрани и сортирани за повторно да бидат продадени внатре - објаснуваат археолозите.
Помпеја бил град со елегантни вили и прекрасни згради, отворени плоштади, занаетчиски продавници, таверни, бордели и бањи. Во градот имало и амфитеатар во кој се одржувале гладијаторски игри за публика до 20.000 лица.
Кога вулканската пепел од Везув ја потрупала земјата, повеќе од 2.000 лица го загубиле животот. Во 1748 година група истражувачи откриле речиси совршено зачуван град под стврднат килим од прашина и пезма.
Помпеја сега е светско наследство на УНЕСКО и во нормални услови секоја година привлекува 2,5 милиона посетители.
Емерсон и нејзините колеги користеле примероци на почва за да најдат траги од движењето на отпадот низ градот.
- Почвата што ја ископуваме се разликува врз основа на тоа каде оригинално бил оставен отпадот. Отпадот оставан на места како септички јами остава богата органска почва. Отпадот кој се акумулирал со текот на времето на улиците или во купиштата надвор од градот, пак, резултира со многу попесоклива почва.
- Разликата во почвата ни овозможува да видиме дали ѓубрето било генерирано на местото каде што било пронајдено или собрано од некое друго место и повторно искористено и рециклирано - велат истражувачите.
На пример, во некои ѕидови имало одново искористени материјали како делови од плочки и скршени амфори и гипс.
- Речиси сите ѕидови имале финален слој на гипс, кој го криел хаосот од материјали внатре - вели Емерсон.
Таа додава дека модерниот приод до менаџментот на отпадот се фокусира на отстранување на отпадот од нашите секојдневни животи.
- Претежно не ни е гајле што се случува со нашиот отпад, сѐ додека е отстранет. Она што го најдов во Помпеја е сосема различен приоритет, тој отпад бил собиран и сортиран за рециклирање. Граѓаните на Помпеја живееле многу поблиску до нивното ѓубре отколку што повеќето од нас сметаат дека е прифатливо, не затоа што немало инфраструктура во градот и тие не сакале да го менаџираат отпадот, туку затоа што нивните системи на урбан менаџмент биле организирани околу различни начела. Ова е важно за модерната криза со отпадот. Земјите што најефикасно го менаџираат нивниот отпад примениле верзија на античкиот модел, давајќи приоритет на комодификацијата, наместо на едноставното отстранување - вели Емерсон.
Извор:
Guardian
Насловна фотографија: Wikipedia