Доколку зелената боја ве асоцира на екологијата и природата, можеби розовата треба да ве асоцира на загадувањето. Една лагуна во Патагонија, Аргентина, станала розова поради загадување со хемиска состојка која се користи во фабриките за риба и морски плодови во близина.
Станува збор за натриум сулфит, кој се користи во фабриките за риби како антибактериско средство. Меѓутоа, отпадот од рибата се фрла во реката во близина и се влева во лагуната, па така ги загадува и двете.
Локалните жители се жалеле на непријатен мирис и други еколошки проблеми во лагуната и реката подолг период. Лагуната станала розова минатата недела.
Хуан Микелуд, одговорно лице за околината во провинцијата Чубут во која се наоѓа лагуната, изјавил за АФП дека бојата не предизвикува штета и исчезнува за неколку дена. Меѓутоа, активистите бараат од фабриките да го третираат отпадот во посебни постројки наместо да го фрлаат во реката.
Ова не е првпат лагуната да стане розова поради отпадот од фабриките во близина, кои вработуваат илјадници луѓе од провинцијата.
Извор:
Interesting Engineering
Фото:
Даниел Фелдман/AFP Twitter