23.08.2019
Живот
Во Европа годишно се собираат 486 кг комунален отпад по жител, кај нас 344
Во Европската Унија општините на годишно ниво собираат по 486 килограми комунален отпад по човек, покажуваат податоците на Евростат за 2017 година. Оваа бројка е непроменета во споредба со претходната година и е за 7 проценти под максимумот од 525 кг во 2002 година.
Нашата земја е меѓу трите последни во Европа со 344 килограми и бележи намалување во споредба со претходните години, откако во 2015 се собрани 380 и во 2016 година 385 килограми комунален отпад по глава на жител.
Меѓу земјите-членки на ЕУ најмногу отпад по жител во 2017 година е собран во Данска – 781 килограм, по што следуваат Кипар – 637 килограми и Германија – 633 килограми.
На другиот крај од скалата, три земји-членки на ЕУ што собрале најмалку отпад по глава на жител се Романија – 272 килограми, Полска – 315 килограми и Чешка – 344 килограми.
Во земјите од регионот најмногу отпад по глава на жител собрале Грција – 504 килограми, Словенија – 471 килограм и Албанија – 436 килограми, додека Северна Македонија е меѓу трите последни со 344 килограми, по што следуваат Србија – 306 и Косово со 228 килограми отпад по глава на жител.
Во земјава собраниот комунален отпад на годишно ниво по глава на жител бележи пад во однос на претходните години, откако во 2015 се собрани 380 и во 2016 година 385 килограми.
Според дефиницијата на Евростат, под комунален отпад се подразбира отпад што е собран од јавно комунално претпријатие на локално ниво и пренесен на депонија што е дел од систем за менаџмент на отпад. Општинскиот отпад во најголем дел е составен од отпад што го прават домаќинствата, иако вклучува и отпад од продавници, канцеларии и јавни институции. Вака дефинираниот комунален отпад значи дека државите што имаат поефикасен систем за менаџмент на комунален отпад можат да соберат повеќе отпад на годишно ниво.