Вработените во некои од најголемите и најпознати компании во светот велат дека повеќе би сакале засекогаш да работат од дома отколку да добиваат плус 30.000 долари плата на годишно ниво.
Истражувањето, спроведено од професионалната мрежа „Блајнд“, прашало повеќе од 3.000 вработени на платформата дали повеќе сакаат да работат од дома засекогаш или да добијат покачување на платата. 64 отсто изјавиле дека порадо би работеле од дома отколку да добијат покачување на платата. Резултатите доаѓаат како што големи и мали компании се обидуваат да се снајдат во постковид-светот, откако голем дел од нив минатата година одлучија нивните вработени да работат од дома.
Од приближно 45
компании чии податоци се застапени на „Блајнд“, работниците од само две компании избрале плус 30.000 долари наместо работење од дома. Само 47 отсто од вработените во „Џеј-пи Морган Чејс & Ко“ би ја искористиле опцијата за работа од дома, а само 42 отсто од вработените во „Куалком“ се одлучиле да работат од дома наместо да добиваат повисока плата.
Извршниот директор на „Џеј-пи Морган“, Џејми Димон, неодамна ги повика вработените да се вратат во канцелариите до јули, менувајќи ја насоката за 25.000 вработени кои потенцијално требало да работат дома засекогаш. Компанијата претходно се обидела да ги врати вработените во канцелариите во септември 2020 година.
Фото: Freepik
Ковид-19 го промени традиционалното одење во канцелариите, па вработените ги прифатија придобивките од тоа, вели Кјум Ким, коосновач на „Блајнд“.
- Пред ковид-19 многу луѓе не знаеја како изгледа работата од дома и не ги знаеја придобивките. Имаа планови за патување, планови за испраќање на децата на училиште или за грижа за децата. Нивниот животен амбиент беше опкружен со средини кои беа оптимизирани со одењето во канцеларија - вели Ким.
Но, пандемијата во суштина го забрза трендот на работење на далечина, кој инаку би траел со години, па дури и децении.
- Станува нова норма и мислам дека луѓето не би сакале да се вратат назад. Ковид-19 ги принуди луѓето да останат дома и да не одат во канцелариите, но не можете да ги принудите луѓето да се вратат во канцеларијата затоа што има алтернативни работни места кои нудат работа од дома. Дури и ако сте подготвени да им дадете покачување на годишно ниво, тоа за нив не е доволна причина да се вратат во канцеларија - вели тој.
Околу 64 отсто од работниците во „Амазон“ кои одговориле на прашањето сакале да работат од дома, како и 62 отсто од вработените во „Мајкрософт“ и 67 отсто од вработените во „Гугл“. 69 отсто од вработените во „Епл“ повеќе сакаат да работат од дома отколку покачување.
Извор:
Bizjournals.com
Фото: Freepik