X
 21.05.2022 Здравје

Претераниот страв дека ќе останеме без телефонот има име и спаѓа во фобиите

Колкупати ве облила студена пот кога мобилниот телефон барем на момент не ви бил во видик или во рацете? Сигурно дека никому не му се допаѓа идејата да има некоја фобија, но огромен дел од луѓето од сите генерации може да се каже дека имаат облици на многу специфична состојба под името номофобија.

Во актуелниот технолошки момент од нашите животи, многумина од нас несомнено се под влијание на една нова и стекната фобија - прекумерен страв дека ќе останеме без мобилниот телефон или дека поради некоја причина, нема да можеме да го користиме.

Претераниот страв од губење на мобилниот може да предизвика и панични напади

Номофобијата сѐ уште не е наведена во петтата верзија на „Прирачник за дијагноза и статистика на ментални нарушувања“. Сепак, резултатите од студиите покажуваат дека однесувањата опишани како симптоми на оваа фобија се сѐ позастапени. Според истражување од 2019 година, речиси 53 отсто од Британците што користат мобилен телефон од 2008 година се чувствувале вознемирени кога телефонот не бил до нив, кога им се празнела батеријата или немале мрежа. Научниците потврдуваат дека овој страв, кога ќе премине во фобија, може да доведе и до панични напади.

Студија од 2017 година, која следела 145 студенти по медицина од Индија, дошла до резултати дека 17,9 отсто од учесниците имале блага номофобија. Кај 60 отсто од анкетираните симптомите на номофобија биле умерени, додека кај 22,1 отсто станувало збор за тешки симптоми.

Кои се симптомите на номофобијата?

Иако експертите за ментално здравје сѐ уште не ги дефинирале сите формални дијагностички критериуми за оваа состојба, согласни се дека номофобијата претставува огромна опасност за менталното здравје. Некои од нив дури мислат дека за ова нарушување може да се размислува и во смисла на зависност. Симптомите што посочуваат на номофобија може да се емоционални, но и физички.

Емоционални симптоми се:

-загриженост, страв или паника кога немаме телефон или не можеме да го користиме;
-анксиозност и вознемиреност ако мораме да го оставиме телефонот или сме свесни дека нема да можеме да го користиме некое време;
-паника или изразена анксиозност ако во моментот не можеме да го пронајдеме телефонот;
-нервоза, анксиозност и зголемено ниво на стрес кога не можеме да ги провериме повиците и пораките.

Физички симптоми може да бидат:


-стегање во градите;
-променето или забрзано дишење;
-треперење;
-поголемо потење;
-чувство на несвестица, вртоглавица или дезориентираност;
-забрзана работа на срцето.

Како уште се однесува лицето што има номофобија

Има и уште неколку однесувања кои посочуваат дека можеби сме ја преминале границата на нормална потреба да користиме или имаме мобилен телефон. На пример:

-секогаш го носиме со себе в кревет, во бањата, дури и во туш-кабината;
-непрекинато го проверуваме, дури и кога не ѕвони или не се огласува, за да се осигуриме дека работи и дека не сме пропуштиле некое известување;
-на телефон минуваме повеќе од неколку часа дневно;
-без него се чувствуваме беспомошни;
-често се осигуруваме дека е тука, на безбедно, и кога не ни е в раце или в џеб.

Како до дијагноза и лекување?

Ако кај себе препознаете знаци на номофобија или некој ви посочи дека ги имате, побарајте стручна помош. Исто така, ако пречесто користите телефон, стравувате дека ќе го загубите или дека нема да можете да го користите и поради тоа паничите, не значи дека имате номофобија. Сепак, ако некои од овие симптоми ги имате шест месеци или подолго, задолжително поразговарајте со стручно лице:

-епизодите на страв и паника дека ќе останете без мобилниот се почести и се јавуваат повеќе пати во денот;
-не одговарате на обврските или контактите ако немате телефон;
-несоница ако го оставите и не го користите телефонот;
-проблеми во секојдневните активности и негативно влијание врз другите животни навики.

Доколку стручното лице процени дека ви е потребно лекување, тоа најверојатно ќе биде некој вид психотерапија.

Извор: eklinika
Фото: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје