X
 23.07.2024 Живот

Што е кулрофобија и што ја предизвикува?

Кулрофобијата предизвикува чувство на страв кога некој ќе види кловн или слика од него. Тоа е специфичен страв што предизвикува анксиозност, забрзана работа на срцето, мачнина и обилно потење.

Децата и возрасните што се плашат од кловнови можат да доживеат екстремни, ирационални реакции кога во живо или на слика или снимка ќе видат кловн.

Свеста за кулрофобијата е релативно нова, а терминот првпат се појавил во доцните деведесетти години. Колуро е грчки збор за оние што одат на стапови. Филмовите како „Џокер“, каде што се појавуваат кловнови, помогнаа луѓето да станат посвесни за оваа фобија.

Што ја предизвикува кулрофобијата?

Кулрофобијата може да ја предизвика буквално секој настан на кој има кловн, од роденденски забави, до циркуси, филмови, реклами, огласи итн.

За овој страв има малку студии, а некои експерти веруваат дека дури едно од десет возрасни лица има страв од кловнови. Една студија направена со хоспитализирани деца открила дека приближно 10 од илјада деца, повеќето девојчиња, се плашат од кловновите што болниците ги носат за да ги расположат.

Кој е во опасност од кулрофобија?

Овој страв ги погодува сите возрасти и полови, иако жените можеби повеќе се плашат од кловнови. Истражувачите забележале знаци на кулрофобија кај деца од 3 години. Во поголем ризик од развој на ова специфично нарушување можеби се лицата кои веќе имаат анксиозно нарушување или други фобии.

Што ја предизвикува кулрофобијата?

Лицата со овој страв можеби реагираат на шарената шминка на кловнот. Маската ги крие цртите на лицето и ги искривува изразите, создавајќи чувство на недоверба.

Кои се симптомите?

Децата и возрасните со кулрофобија се обидуваат да побегнат од кловнот, да се сокријат зад друго лице или некој предмет и да ги покријат очите за да не го гледаат кловнот. Децата може и да се расплачат.

Други знаци на кулрофобија се:

-забрзано дишење и забрзана работа на срцето;
- интензивно чувство на страв;
- бледа кожа;
- обилно потење;
- мачнини;
- треперење.

Нема утврдени критериуми за дијагноза на овој страв. Психолог може да постави дијагноза по процена на симптомите, вклучително и влијанието на фобијата врз секојдневниот живот. Лицето може да има специфично фобично нарушување како кулрофобија ако стравот се појавува кога ќе види кловн, ако лицето поради стравот избегнува одредени ситуации како забави, ако стравот трае 6 или повеќе месеци и влијае врз квалитетот на животот.

Како се лекува?

Нема посебен третман за кулрофобија. Ако таа го нарушува квалитетот на животот, може да помогне терапија на изложеност кај експерт за ментално здравје. Тоа е вид психотерапија или терапија со разговор и може да им помогне на дури 9 од 10 лица да надминат одредени фобии.

Терапијата на изложеност вклучува постепено и повторено изложување на слики или ситуации што предизвикуваат симптоми на кулрофобија.

Процесот вклучува учење техники на дишење и опуштање што треба да се користат пред и за време на изложеноста, гледање слики или снимки од кловнови (за децата може да е од корист да гледаат како лицето се шминка и се претвора во кловн), постепено напредување до престој во иста просторија со кловн и на крај, дружење со кловн или држење и гледање слики од кловн.

Лекарот може да ја комбинира оваа терапија со когнитивно-бихевиорална терапија. Оваа терапија помага да го промениме начинот на кој ги доживуваме и реагираме на ситуациите што предизвикуваат анксиозност.

Кои се компликациите од кулрофобијата?

Некои лица со овој страв имаат панични напади кога ќе видат кловн. Може да имаат болка во градите која нема кардиолошко потекло, забрзан срцев ритам и чувство како да имаат срцев удар. Постојаната загриженост поради паничните напади може да доведе до панично нарушување. Во тој случај можеби ќе биде потребна долготрајна терапија со лекови против анксиозност.

Извор: eklinika.telegraf.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот