X
 21.05.2022 Живот

Сакате да станете Италијанец? Изгубени италијански документи може да ви помогнат

Сакате да станете Италијанец? Ако имате италијански предци во вашето семејно дрво, можеби е полесно отколку што мислите.

Благодарение на владеењето на „jure sanguinis“ (правото на крв), Италија е една од ретките земји во светот што нудат можност за државјанство на многу луѓе што можат да ги следат нивните семејни корени од италијанскиот предок. Секако, постои услов. Мора да биде италијански предок кој не се натурализирал во друга националност додека не се родило следното лице во линијата на потекло.

Ако звучи комплицирано, тоа е така затоа што и е комплицирано. Процесот секогаш доаѓа со планина документи и записи за стекнување и преведување и од земјата каде што живеете и од вашиот предок во Италија.

Една приватна фејсбук-група наречена „Двојно американско-италијанско државјанство“, која брои повеќе од 36.000 члена, е меѓу ресурсите посветени на демистифицирање на процесот на идните Италијанци, а има и адвокати кои се изнајмуваат за да се справат со многуте делови на „jure sanguinis“. Но, понекогаш сè зависи од наоѓањето единствен документ што недостига, изгубен во некое италијанско село.

Токму тоа е местото каде што Франческо Курионе од „007 италијан рекордс“ помага да се остварат соништата на многу луѓе.

Уште од 2016 година Курионе им помогнал на стотици клиенти, главно од САД, да лоцираат документи. Тогаш тој завршил правен факултет и не можел да најде работа поради високата невработеност на Сицилија. Одлучил да се насочи кон туризмот како потенцијален начин да заработи за живот и го отворил домот на неговите предци во внатрешноста на селото Колесано како  ербиенби-сместување.

Бил изненаден кога гостинка од Флорида прва ја резервирала куќата. Андреа Фонти патувала во Колесано во потрага по извод на родени од нејзината прабаба.

Откако ја направила резервацијата, Курионе ѝ пишал, прашувајќи ја што ја носи во селото кое обично не се наоѓа на туристичкиот радар. Таа му објаснила дека бара извод и информации за роднина која изгубила контакт со семејството во 60-тите години. Во рок од неколку дена, пред таа да стигне во Сицилија, Курионе ѝ испратил порака за да ѝ каже дека ѝ го пронашол семејството. Тоа биле неговите соседи.

francesko
Фото: Francesco Curione/CNN

- Без Франческо никогаш немаше да ја најдам семејната историја од 18 век. Тој лесно се спријателува со службениците и воспоставува врска - вели таа.  

Кога се вратила во САД, објавила како ѝ помогнал во една фејсбук-група и ја раширила веста меѓу пријателите.

Курионе вели дека неговата потрага по исчезнати документи во Италија никогаш не е здодевна. Некои случаи се решаваат прилично лесно, додека за други е потребно повеќе истражување.

Зошто некој би сакал да стане Италијанец?

Италијанецот Марко Пермунијан од „Помош за италијанско државјанство“ вели дека неговата фирма работи на стотици случаи секоја година за Американци кои бараат италијанско државјанство преку „jure sanguinis“. Граѓаните на која било земја што имаат италијански предци кои ги исполнуваат условите можат да аплицираат, вели тој, но може да има ограничувања во зависност од законите и прописите на конкретната земја.

Најчесто аплицираат луѓе од САД, Канада, Обединетото Кралство, Аргентина, Бразил и од Австралија.

- Италијанското државјанство е едно од најлесните што можете да ги добиете во Европската Унија ако имате италијанско потекло. Mногу e полесно отколку добивање државјанство во Франција или во Ирска. Исто така, ви дава право да живеете и да работите каде било во ЕУ без потреба од виза.

Дополнително, италијанската здравствена заштита, која е речиси бесплатна и се смета за една од најдобрите во светот, е уште една предност на државјанството, вели Пермунијан.

Курионе е упорен во барањето документи за клиентите. Кога нема каде да се обрати, тој оди на места каде што Италијанците се собираат да разговараат - плоштадот во селото.

- Кога ќе почнете да поставувате прашања, сите почнуваат да ви даваат информации. Оди во тој бар, оди на таа улица. Постарите жени од селото се жива архива бидејќи ги знаат спомените на градот - раскажува Курионе.

Извор: CNN
Фото: Francesco Curione/CNN
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот