Во 2019 година сицилијанскиот град Камарата стана познат поради јавен повик за нови жители. Овој град ги нудеше своите стари куќи бесплатно за луѓето што сакаат да започнат нов живот таму. Меѓутоа, на повикот се пријавиле толку многу луѓе, што властите не стигнале да ги одберат новите жители навреме. Тогаш започнала пандемијата и на крајот ниту една куќа не била доделена.
Меѓутоа, како што напредувала пандемијата, почнало да се случува нешто друго. Младите жители на Камарата почнале да се враќаат дома. Минатата година многумина одлучиле да се отселат од големите градови, а овој тренд кулминирал во Италија со враќање на сите млади иселеници. Ова било олеснето со воведувањето работа на далечина.
Фото: Камарата/Wikipedia
Петнаесет млади жители што се вратиле дома основале асоцијација наречена „Стрит ту“, која има цел да го оживее историскиот центар во градот, кој е речиси напуштен. Здружението сака да го постигне тоа со враќање на иницијативата од 2019 г. за нови жители.
Волонтерите од здружението планираат да направат неколку работи поинаку од порано. Тие ќе ги испрашуваат пријавените кандидати за нивните планови за новиот дом бидејќи нивната цел е да се создаде целосно нова заедница наместо град на викендици во кои ретко некој живее. Волонтерите ќе им помагаат на кандидатите да започнат живот во Сицилија и ќе им понудат совети за отворање бизнис.
Низ годините многу жители на Сицилија биле принудени да ги напуштат домовите во потрага по работа. Кога станува збор за заинтересираните лица што би живееле во Камарата, многумина од нив се од Аргентина и се потомци на мигранти од Сицилија, но има и многу кандидати од Иран, особено луѓе што сакаат целосно да си го променат животот.
Фото: Сицилија/Pixabay
Во рамките на иницијативата многу домови се нудат бесплатно, но тие најчесто треба да се реновираат. Се нудат и куќи кои се во подобра состојба за ниски цени, на пр., до 5.000 евра.
Во меѓувреме, волонтерите веќе предизвикуваат промени во градот. Минатото лето во Камарата било организирано кино на отворено - биле прикажувани филмови на ѕидот од напуштена куќа. Се организирала и изложба за локалните жители.
Автор: Џулија Макли
Извор:
cnn.com