Компанијата на американскиот милијардер Џеф Безос, „Блу ориџин“, се врати на вселенскиот туризам по пауза од две години, повторно испраќајќи луѓе до работ на вселената.
Компанијата за вселенски летови на милијардерот Џеф Безос успешно испрати шест патници до работ на вселената и назад, со што ѝ стави крај на речиси двегодишната пауза од мисии со екипаж. Ова беше седми лет со екипаж на „Блу ориџин“. Мисијата - краток лет преку линијата Карман, границата на вселената на околу 100 километри над Земјата - полетала од местото за лансирање на компанијата во Западен Тексас, околу 10:30 часот по средноевропско време.
Меѓу шесте луѓе во капсулата „Њу Шепард“ бил и 90-годишниот Ед Двајт, поранешен капетан на воздухопловните сили, кој е првиот афроамерикански обучен астронаут, но не бил избран за астронаутскиот корпус на НАСА и никогаш досега не отишол во вселената. На „бродот“ биле и Мејсон Ангел, Силвен Широн, Кенет Л. Хес, Керол Шелер и Гопи Тотакура. Тие можеле накратко да ги откопчаат појасите и да искусат нулта гравитација.
Екипажот безбедно се вратил на Земјата околу 10 минути по лансирањето. Еден од трите падобрани на капсулата не се отворил правилно за време на враќањето, но тоа не претставувало проблем за слетувањето благодарение на системот предвиден за такви ситуации. Ова беше и 25. мисија за ракетата „Њу Шепард“.
Извор: nezavisne.com
Фото: YouTube screenshot