X
 21.06.2024 Живот

Генерацијата З е мотивирана од пари, а милениумците од можноста за напредување

Како да се усогласи сè поизразениот меѓугенерациски јаз е уште едно важно барање што се поставува пред денешните лидери. Во тоа може да им помогне големото регионално истражување спроведено на примерок од 2.000 вработени од Србија, Хрватска и Словенија, каде што испитаниците откриле што ги мотивира, а што ги фрустрира.

- Генерацијата З, односно вработените до 27 години, во сите три земји даваат приоритет на флексибилноста на работата и платите, а како најголем предизвик ја гледаат несигурноста во вработувањето. Од друга страна, генерацијата до 43 години, популарно наречени милениумци, ставаат силен фокус на развојот на кариерата и можноста за напредување како клучни двигатели на задоволството од работата - вели проф. д-р Данијела Лалиќ, која го спроведе истражувачкиот дел „Искуство на вработените“ и додаде дека разликите се поизразени по генерации отколку по земји, но стандардите влијаат и врз приоритетите.

Иако под поимот благосостојба и ментално здравје во работната средина испитаниците ја нагласуваат важноста од усогласувањето на платата и придонесите, на површина излезе уште една интересна информација. Речиси сите генерации во сите земји што учествувале во истражувањето на прашањето што мислат дека најмногу би придонело за менталното здравје во работната средина, одговориле - поддршка од психотерапевт.

- Изненадени од одговорот, за резултатите прашавме одредени компании кои обезбедуваат психотерапевтска поддршка за вработените. Велат дека вработените буквално процветале. Тоа се одрази и врз нивната мотивација, но и врз профитот на компанијата - изјави Мартина Сокач Сарага, консултант од „МСС Пулс“, која спроведе дел од истражувањето за Хрватска и Словенија.

Она што е слобода за младите генерации се безбедноста и позитивните односи во работната средина за позрелите, велат професорот д-р Лалиќ и Сокач Сарага. Тие додаваат дека за генерацијата Х, која има меѓу 44 и 59 години, постои јасна желба за стабилна и стимулативна работна средина, финансиска сигурност и позитивни меѓучовечки односи и чувство на заедница на работното место. Менталното здравје и поддршката, како и признанието од претпоставените, се универзални мотиватори.

Користењето на сопствените потенцијали, важноста на колегијалноста и можностите за учење се клучните аспекти на работната средина за бумерите, оние над 59 години, во сите три земји, покажа ова истражување. Оваа генерација ја цени автономијата во работата, добрите меѓучовечки односи и признанието за својата работа. Предизвиците со кои се соочуваат се комуникациски бариери, обем на работа и во некои случаи финансиски проблеми.

Испитаниците во сите земји сметаат дека имаат голем придонес во работата, што го оценуваат со оцена четири. Тие, исто така, сметаат дека имаат висока свест со какви предизвици се соочуваат работодавците (конкуренција, бизнис-модели, задоволство на вработените).

На единственото отворено прашање: „Да бев шеф, што би направил поинаку?“, најголем процент од одговорите се однесуваат на подобра комуникација со вработените. Со тоа, истражувачите заклучија дека постои голем простор за зголемување на продуктивноста.

Еве на што треба да обрнат внимание лидерите:

- Запоставената генерација Х и бумерите се тајно оружје. Иако делумно се демотивирани, тие се желни да учат. Со признание за работата и современите алатки, тие можат да бидат продуктивни како и помладите генерации. Младите генерации сакаат да видат цел и флексибилност.

Поддршката на психотерапевтите за новите генерации нема да биде луксуз, туку неопходност. Признанието за работата е клучен мотивациски фактор, треба секојдневно да ги фалите вашите вработени бидејќи тоа ги мотивира и ги прави попродуктивни. Отворена и подобра комуникација меѓу шефовите и вработените е императив за сите генерации.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот