X
 21.07.2023 Живот

АХВ: Не купувајте додатоци во исхраната преку интернет без да проверите дали се регистрирани

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) апелира до граѓаните да бидат одговорни и совесни потрошувачи и да не наседнуваат на непроверени и непотврдени информации за продажба на додатоци во исхраната преку социјалните мрежи и преку веб-платформи на нерегистрирани/неодобрени оператори, бидејќи производите може да бидат небезбедни, без оглед дали се работи за производи од домашно производство или од увоз.

АХВ потсетува дека нејзините инспекциски служби вршат контроли на работењето на одобрените/регистрираните оператори со храна и со додатоци во храната, односно на сите компании што се дел од легалниот синџир на производство и трговија, вклучително и на оние што вршат електронска продажба на своите производи.

-Купувањето вакви производи преку социјалните мрежи и веб-платформи на нерегистрирани/неодобрени оператори, без потрошувачите претходно да се информираат дали тие се одобрени или не, е на нивна лична одговорност. За тоа дали додатоците кои се продаваат преку социјалните мрежи или преку електронски медиуми се одобрени од АХВ, односно дали ги исполнуваат општите и посебните услови за безбедност на оваа категорија производи, граѓаните можат да се информираат на интернет-страницата на АХВ - Регистар на производи што ги исполнуваат посебните барања за безбедност како додатоци на исхрана ТУКА - наведуваат од АХВ.

На оваа категорија продавачи АХВ нема можност да направи контрола бидејќи лицата се непознати и со непозната адреса. За утврдување на автентичноста на профилот од каде што се врши продажбата и за откривање на лицето - сопственик на ФБ-профилот, АХВ соработува со Министерството за внатрешни работи.

- Секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната, вклучително и на додатоците во храната, потрошувачите можат да ја пријават во Агенцијата лично, писмено, електронски на info@fva.gov.mk, или на бесплатната телефонска линија за потрошувачите 0800 3 22 22 - нагласуваат од АХВ.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот