X
 13.02.2019 Живот

Конкуренцијата ја присилува „ИКЕА“ да бара начини за составување на мебелот

Шведската компанија „ИКЕА“ во 2017 година ја купи компанијата за склопување на мебел „ТаскРабит“ во рамките на напорите за нудење поголем спектар на услуги покрај продажбата на мебел за да може успешно да се носи со конкуренцијата, а првите податоци покажуваат дека направила добар потег.

Насочувањето на најголемиот светски трговец со мебел кон услугите е голем стратешки чекор, кој шведската компанија беше принудена да го направи за да остане во игра додека брановите нови конкуренти сè повеќе ја нарушуваат нејзината доминација во интернет-светот.

Се чини дека нејзината стратегија дава резултати, со оглед на тоа дека бројот на работи што ги вршат мајсторите од „ТаскРабит“ е повеќе од удвоен.

Извршниот директор на „ИКЕА груп“, Јеспер Бродин, изјави дека „ТаскРабит“ ја проширува дејноста и тоа на дизајн на ентериер и поправки на мебел за да може „ИКЕА“ да оствари конкурентска предност. Истовремено, податоците од „ТаскРабит“ би можеле дополнително да ѝ помогнат на „ИКЕА“ при смислувањето нови идеи за мебел.

- Како што расте оваа заедница, не станува збор само за поправање на едно или две нешта, туку за професионализам при уредувањето на ентериерот во практичниот живот - дома - истакнува Бродин.

Победата во битката за онлајн-купувачи е клучна за „ИКЕА“. Иако беше потребно време за да се прифати  продажбата на мебел преку интернет, пазарот сега е преплавен, а битката сè повеќе се води во секторот на услуги по продажбата.

САД, со 14 отсто од вкупната продажба на „ИКЕА“, е вториот најголем пазар за оваа компанија по Германија.

Аналитичарот Нил Сондерс во 2017 година американскиот пазар за мебел за дома го процени на 282 милијарди долари, при што на „ИКЕА“ ѝ припаднаа 2 отсто.

Тоа е помалку од оние 2,2 отсто забележани во 2014 година и значително помалку од уделот на германскиот пазар, кој изнесува 12 отсто.

Интернет-трговиите што продаваат само мебел растат забрзано, но и интернет-трговиите со широка продажба како „Амазон“ нудат мебел, а некои хипермаркети отвораат подружници за опремување со мебел. Покрај тоа, „Валмарт“ и „Вејфер“ исто така почнаа да нудат евтини услуги за монтажа на мебел во САД преку конкурентот на „ТаскРабит“, „Хенди“.

 - Секој што продава мебел има услуга за достава. Разликата ќе биде во тоа што освен доставата, „ИКЕА“ ќе нуди и помош во дизајнирањето на просторот, а тука „ТаскРабит“ може да биде од помош - вели аналитичарот Реј Гол.

„ИКЕА“ минатата година оствари продажба на светско ниво вредна 39 милијарди евра и стана пазарен лидер поради продажба на мебел на луѓето што имаа волја да одат до продавниците, да ги носат производите до дома и сами да ги склопуваат.

Денес сè повеќе купувачи ја преферираат практичноста на интернет-купувањето на големи предмети и потоа нивна достава, составување и поставување.

Од основањето на „ТаскРабит“ во 2008 година, мајсторите од оваа компанија составиле 545.000 парчиња мебел, преселиле 340.000 домаќинства и монтирале повеќе од 190.000 телевизори.

-Уверени сме дека тоа е вистинскиот начин на пристапување до новите купувачи во градовите - вели Бродин.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот