X
 21.08.2020 Живот

Нови луксузни цепелини се идните суперјахти на небото

Пред помалку од еден век цепелинот беше симбол на елегантно патување, тивко летајќи на небото. Но, Хинденбурговата катастрофа ја промени судбината на воздушните бродови, давајќи им репутација на лебдечки бомби.

Голем број компании во САД и во Европа се обидуваат да организираат враќање на овие лебдечки гиганти, претворајќи ги во суперјахти за цивилизиран начин на патување.

„Ершип 2.0“ секако е поинаков цепелин од оние пред 100 години. Најновата генерација се потпира на незапалив хелиум и материјал отпорен на куршуми за цепелинот да биде лесен и издржлив.

Компаниите како „Флајинг вејл“ во Франција и американската „Сканк Воркс“ дизајнираат авиони за превоз на товар и медицински материјали на оддалечени места низ целиот свет. Од „Сканк Воркс“ велат дека нивните авиони можат да се користат како патнички превозници доколку купувачите сакаат да ги модифицираат по купувањето на дизајнот.

1

Компанијата „Аерокрафт“ од Калифорнија создава цепелин што користи соларна енергија за погон. Компанијата вели дека цепелинот може да се користи за прошетки, како што се патувања меѓу хавајските острови. „Аерокрафт“ предвидува дека ќе бидат потребни уште три до пет години пред цепелинот да добие сертификат за патничко патување.

Една британска компанија предводи во создавањето цепелини што ќе ги преземат патничките патувања, слично како крузер или јахта. Компанијата соопшти дека нејзините лебдечки цепелини ќе нудат приватно патничко патување во 2024 година. Овие целосно опремени авиони ќе имаат фоаје, големи апартмани, канцеларии и спа-центри.

2

Бидејќи на цепелините не им се потребни писти, тие се совршени за вонредни дестинации или патување помеѓу приватни острови.

- Способноста да оперираме без писти значи дека можеме да летаме од точка до точка. Тоа значи дека некој со недвижен имот надвор од Лондон и дворец во француско село може директно да патува од Лондон до Париз - вели Ребека Зејтлин, портпаролка на компанијата „Флаjинг вејл“.

3

- Тие повеќе се како суперјахти, со истото ниво на луксуз внатре. Затоа, сметаме дека повеќе станува збор за брза јахта отколку за бавно летало - додава таа.

Извор: Robbreport.com
Фото: Robbreport.com
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот