Во швајцарските Алпи, под планината Бриниг Пас, во близина на гратчето Лунгерн се гради подземен мегaтрезор за супербогати клиенти.
Со проектот за изградба на гигантскиот комплекс од подземни трезори наменети за заштита на имотот на најбогатите луѓе во светот раководи претприемачот Томас Гасер, претседател на управниот одбор на компанијата „Бриниг мега сејф“.
Градбата на подземниот сеф за богатите е во поодмината фаза, а кога објектот ќе биде завршен, пристапот ќе биде ограничен само за одбрани луѓе.
- Прво ќе мора да поминете низ специјален контролен пункт и да излезете од возилото. Ќе има неколку нивоа на безбедносни проверки, кои нема да ѝ бидат познати на јавноста - изјави Гасер.
Инвеститорите ветуваат највисоко ниво на безбедност во овој објект со околу 20 трезори вкопани под 100 метри цврста карпа.
Според инвеститорот, нивото на заштита може да се спореди со она во Швајцарската народна банка.
Пазарот за сигурно складирање скапоцености во светот доживува експоненцијален раст поттикнат од глобалната нестабилност.
- Подолго време Дубаи се сметаше за безбеден. Денес тоа чувство на сигурност се доведува во прашање. Луѓето едноставно сакаат да зачуваат дел од своето богатство - објаснува Гасер.
Сепак, изнајмувањето на просторот нема да биде достапно за секого и секој трезор се продава на период од 99 години. Минималната цена е речиси 1 милион швајцарски франци (околу 1,1 милион евра).
- Предноста е што клиентот станува сопственик. Клиентот има свој број на парцела во катастарот и тој имот може да го стави под хипотека - додава инвеститорот, кој наведува дека веќе се пријавиле неколку клиенти.
Концептот за сигурно складирање длабоко во планините не е сосема нов во Швајцарија. Во минатото многу демилитаризирани воени бункери беа претворени во трезори или дата-центри со висока безбедност.
Со проектот во Лунгерн се таргетира глобалната елита која сѐ повеќе сака да го заштити својот имот.