Стопанската комора на Црна Гора упати апел до тамошното министерство за просвета распустот да биде поместен од 15 јануари до 6 февруари, со цел подобра подготовка за зимската туристичка сезона. Од министерството истакнуваат дека промена на училишниот календар, барем засега, не е можна.
Имајќи предвид дека зимската сезона трае и во текот на февруари, црногорските стопанственици сметаат дека е неопходно да се дејствува со законска регулатива за продолжувањето на школската година да биде одложено и зимскиот распуст да се продолжи во февруари.
Со општиот закон за образование е одредено траењето на наставната година, и тоа најмалку 180 работни дена. Почетокот на наставната година се утврдува со годишниот школски календар, кој е веќе донесен.
Зимскиот распуст во Црна Гора оваа година е продолжен за четири дена во споредба со
претходната.
- Засега нема планови во врска со понатамошни позначајни промени во траењето на наставната година - истакна портпаролката на министерството, Милица Лекиќ.
Од Стопанската комора на Црна Гора, пак, истакнуваат дека продолжувањето на распустот за четири дена е недоволно во однос на потребите на зимската сезона.
- Нашиот апел е распустот да се помести од 15 јануари до 6 февруари. Знаеме дека тоа не е возможно за оваа сезона - истакна Ранко Јововиќ, претседател на Одборот за туризам и угостителство при Стопанската комора на Црна Гора.
Инаку, зимскиот распуст во Црна Гора почнува на 31 декември 2019, а завршува на 26 јануари 2020 година.