X
 21.10.2019 Култура

Копола најави снимање на нов филм: Ќе биде поголем од „Апокалипса денес“

Славниот американски режисер Френсис Форд Копола работи на огромен филмски проект за кој размислува со децении и го смета за поамбициозен од култното остварување „Апокалипса денес“.

Копола истакна дека станува збор за филмот „Мегалополис“, остварување за утопија за кое размислува 20 години.

- Ќе се обидам затоа што навистина сакав да снимам филм за утопија, односно за рајот на земјата - истакна познатиот режисер во Лион, каде што му беше врачена наградата „Лимијер“ за животно дело.

80-годишниот Копола додаде дека има сценарио за филмот и дека првпат се приближува до целта, снимањето на филмот.

Тој смета дека филмот ќе чини повеќе од „Апокалипса денес“, чиј буџет беше околу 30 милиони долари.

Исто така, откри дека филмот претставува приказна за еден архитект кој сака да изгради утописка визија од Њујорк уништен по катаклизма. Филмот ќе биде приказна за „конфликтот“ меѓу една визија за иднината и традицијата на минатото.

Режисерот е познат и по култниот филм „Кум“ со Марлон Брандо и Ал Пачино. Филмот во 1973 година освои три „Оскари“ - за најдобар филм, најдобар актер и најдобро адаптирано сценарио, а се наоѓа и на списокот со најдобри филмови на сите времиња.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура