Сигурно сте слушнале за „храна за мозокот“ или „суперхрана“. Дискусијата за овој вид храна е насекаде на интернет, особено меѓу инфлуенсерите на социјалните мрежи.
Иако постојат претерани, па дури и штетни тврдења, лекарите знаат дека некои намирници се добри за мозокот. Всушност, овие намирници се оние што веројатно ви се познати и лесно е да ги вклучите во вашата исхрана.
Д-р Ума Наиду, професорка на Медицинскиот факултет на „Харвард“ и директорка на одделот за нутриционистичка и животна психијатрија во Општата болница во Масачусетс, има неколку едноставни предлози за храната.
Специјалност на д-р Наиду е нутриционистичка психијатрија, област што ги поврзува храната и мозокот. Ваквите врски одамна се воспоставени. На пример, многу студии посочуваат дека јадењето овошје, зеленчук, интегрални житарки, незаситени масти и мала количина црвено месо може да помогне да се спречи Алцхајмерова болест. Општо земено, антиоксидансите и храната со антиинфламаторни својства, исто така, се корисни за здравјето на мозокот.
Фото: Freepik
Што треба да јадете?
Д-р Наиду ја споделува најдобрата
храна за меморија, остро размислување и целокупна благосостојба на мозокот. Прво, добрата вест: темното чоколадо е добро за мозокот. Изберете екстра темна верзија со над 70 отсто какао - антиоксидансите и флаванолите ги штитат мозочните клетки, додека влакната го намалуваат воспалението. Сепак, како и за сите добри работи, бидете умерени. Идеално е да консумирате околу 1,5 грам неделно.
Веројатно знаете дека бобинките содржат антиоксиданси, но имаат и фитонутриенти и витамини. Тие се корисни за меморијата, а јадењето разновидни шарени бобинки, исто така, може да ги намали симптомите на анксиозност и да помогне во спречувањето на невродегенеративните болести, како што е деменцијата. Друга важна храна е куркумата, зачин што се наоѓа во кари во прав. Содржи антивоспалителна состојка што може да помогне да се заштити когнитивното функционирање при стареење. Д-р Наиду препорачува да се комбинира куркума со црн бибер.
Следното нешто не треба да нѐ изненадува - зелениот зеленчук што лекарите секогаш го препорачуваат. Зелениот зеленчук како рукола, спанаќ и блитва содржи фолна киселина и витамин Бе.
- Недостигот на фолати е поврзан со зголемени симптоми на депресија, како и со когнитивното стареење - вели д-р Наиду.
Последно, но не и најмалку важно, е ферментираната храна, како што се комбуха и јогурт. Тие го штитат здравјето на цревата, за што науката покажа дека е тесно поврзано со благосостојбата на мозокот. За да бидете сигурни дека ги добивате придобивките, проверете дали етикетата означува дека производот содржи „живи активни култури“ на овие корисни бактерии.
Ниту една комбинација на храна не е совршен лек за благосостојба. Сепак, правењето свесен и информиран избор за вашата дневна исхрана може да помогне да го одржувате мозокот во добра форма.
Извор:
Mymodernmet.com
Фото: Freepik