X
 21.10.2021 Живот

Кралицата Елизабета Втора ја одби наградата за најстара жена на годината

Британската кралица Елизабета ја одби наградата „Најстарата жена на годината“ од списанието „Олди“.

Љубезно заблагодарувајќи се за наградата, 95-годишната Елизабета одговори дека сѐ уште не се чувствува стара, посочувајќи дека годините не се мерка за возраста, односно дека човекот е стар онолку колку што се чувствува стар.

Предлогот Елизабета да се прогласи за „Стара дама на годината“ дојде од писателот и ТВ-водителот Џил Брандрет, кој претседава со жирито за наградите. Тој напиша писмо до секретарот на кралицата, сер Едвард Јанг, прашувајќи го дали кралицата би го прифатила признанието.

Списанието го објави целосниот одговор од службата на кралицата: - Нејзиното височество верува дека човек е стар онолку колку што се чувствува стар. Затоа, кралицата не верува дека ги исполнува критериумите неопходни за оваа титула и се надева дека ќе најдете подостоен кандидат.

Брандрет го опиша писмото како прекрасно, додавајќи дека во иднина повторно ќе ја предложат кралицата.

Елизабета следната година ќе ја одбележи 70-годишнината од нејзиното владеење како кралица. Нејзиниот сопруг, принцот Филип, доби слично признание при изборот на магазинот во 2011 година.

1
Фото: Оldie

Морин Липман, еден од членовите на жирито, ја предложи кралицата за признание за водењето на земјата низ пандемијата и во пресрет на нејзиниот јубилеј - 70 години владеење како кралица, рече Брандрет.

Владеењето на Елизабета Втора е најдолго во историјата на Велика Британија.

Наградата „Најстара личност на годината“ е основана пред 29 години со намера да се истакнат припадниците на постарите генерации.

Претходни победници беа медицински сестри, спортисти ветерани и познати личности, како актерката Оливија де Хавиланд и уметникот Дејвид Хокни.

- Ние не сме премногу сериозна алтернатива на печатот опседнат со млади луѓе и познати личности. Списанието „Олди“ е безвремено и вонвремено, нема совети за пензионирање, но е полно со освежувачка духовитост и радости - стои во списанието „Олди“.

Извор: ВВС
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот