X
 11.11.2022 Живот

Сојузот на спортови на Скопје ги додели наградите „13 Ноември“

Сојузот на спортови на Скопје попладнево ги додели наградите „13 Ноември“. Комисијата за награди и признанија, на состанокот одржан на 8 ноември, одлучи за добитниците на наградите кои традиционално се доделуваат по повод Денот на ослободувањето на Скопје.

Во категоријата „спортски новинар“ добитник е Милорад Стојмановски – новинар со тридецениско искуство, главно во печатените медиуми, во моментов работи во весникот „Слободен печат“.

Добитник на наградата во категоријата „спортски лекар“ е д-р Небојша Настов, хирург трауматолог вработен во ЈЗУ Универзитетска клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ Скопје. Од 2009 година станува лекар на машката ракометна репрезентација и продолжува како тимски доктор и консултант во спортските клубови. Претседател е на здравствената комисија на Македонскиот олимписки комитет во последните 6 години, а воедно е и член на здравствената и антидопинг-комисија на Европски олимписки комитет. Последните две години е дел од медицинскиот тим на машка сениорска фудбалска репрезентација и на ракометниот клуб Вардар 1961.

Наградата за „спортски подвиг“ отиде кај Катерина Шиповиќ, ултрамаратонка, прва македонска атлетичарка која истрча 256 километри од Атина до Спарта на Спартатлон во Грција, една од најтешките ултрамаратонски трки во светот. Од 360 учесници на стартот, трката ја завршија 182 натпреварувачи, каде што во конкуренција од 40 жени, Катерина Шиповиќ го освојува 19 место. Таа е и државен првак со истрчани 180 километри за 24 часа.

За „спортски педагог“ доделени се две награди:
Вјенцеслав Рангелов, професор по физичко образование, спорт и здравје во СУГС „Никола Карев“, за долгогодишно учество на училишниот кошаркарски тим во женска и машка конкуренција, во општински, градски и државни првенства и настапи на атлетичарите на истиот ранг на натпревари. Тренер на машката кошаркарска репрезентација на средни училишта на повеќе меѓународни натпревари.

Зоран Наков, професор по физичко образование, спорт и здравје при ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во Скопје, заслужен за подготовки и настапи на училишниот ракометен тим во женска и машка конкуренција, женскиот футсал тим, гимнастичари и атлетичари во женска и машка конкуренција, на градски и државни првенства.

Награда за „спортски работник“ е доделена на Александар Милојевиќ, меѓународен кошаркарски судија со отсудени над 500 меѓународни натпревари, 15 пати прогласен за најдобар судија во Македонија, член на судиска комисија на АБА-лига, контролор и комесар на натпревари на КФСМ. Има судено на четири Европски првенства, полуфинале на Евролига жени, Балканска лига 3 пати полуфинале.

Признанието „општественик со посебни заслуги за развој на спортот“ му е доделено на Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, за особен придонес, помош и поддршка на организацијата на ВИЗ ЕР Скопски маратон.
Наградата „спортски работник за животно дело“ е доделена на Димче Јанковски, тренер во карате, член на карате-сојузот веќе 50 години, 55 години активно работење како каратист и тренер, еден од основачите на Карате федерацијата на Македонија со многубројни функции во КФМ и издадени 4 книги за карате. Сѐ уште активен тренер во КК Аеродром Скопје.

Во категоријата „спортски клуб“ признанието е за Карате клуб Макпетрол Скопје, за освоени 2 златни и еден бронзен медал на Европска универзијада, 2 сребрени и еден бронзен медал на Светска универзијада, бронзен медал на Европско првенство за сениори, две сребра на Светско првенство за помлади сениори, 12 медали на Балканско првенство и над 50 медали на меѓународни турнири.

Наградата „спортист“ ја доби Петар Спасеновски од карате-клубот Макпетрол, за освоено трето место на Европско првенство за сениори во Газиантеп, Турција, категорија до 84 килограми.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот