X
 18.03.2024 Живот

Добитниците на „Оскар“ мора да потпишат договор и да следат едно строго правило по добивањето на наградата

Освојувањето „Оскар“ веројатно е едно од најголемите достигнувања во филмската индустрија, но наградата доаѓа со услов за победниците.

Килијан Марфи, Роберт Дауни Џуниор, Ема Стоун се само дел од ѕвездите што во понеделникот се качија на сцената на 96. доделување на „Оскарите“, откако беа прогласени за победници во нивните категории.

Дури и ако не сте голем обожавател на „Оскарите“, сигурно знаете како се одвива целата церемонија: се најавуваат номинираните, се чита победникот и нему му се дава статуетка која треба да ја однесе дома.

Иако звучи едноставно, постои правило околу статуетката и што победниците можат да направат со неа откако ќе ја напуштат сцената.

На веб-страницата на Академијата за филмски уметности пишува дека на оскаровските добитници им е забрането да ги продаваат статуетките, освен ако претходно не исполнат одреден услов.

- Добитниците на наградата не смеат да ја продаваат или на друг начин да се ослободат од статуетката „Оскар“, ниту смеат да дозволат таа да биде продадена без претходно да понудат да ѝ ја продадат на Академијата за сума од 1 долар - пишува на веб-страницата.

Статуетката можеби е обложена со златно, но победниците се обврзани да ѝ ја понудат на Академијата за само 1 долар доколку одлучат да ја продадат.

- Оваа одредба ќе се применува и за наследниците и назначените добитници на „Оскар“ кои можат да добијат статуетка како подарок или оставнина - пишува на веб-страницата.

Правилото е во сила од 1951 година, па дури има предизвикано тужби против некои кои не се придржувале кон него.

Во 2014 година Џозеф Тутало го дал на аукција „Оскарот“ што неговиот вујко Џозеф Рајт го добил во 1943 година. Судија од Калифорнија подоцна пресуди во корист на Академијата, принудувајќи го лицето кое победило на аукцијата да ја врати статуетката.

Како и да е, се чини дека имало моменти кога правилата биле прекршени, со размена на пари во 1999 година кога Мајкл Џексон издвои 1,5 милиони долари за „Оскар“ за најдобар филм доделен на продуцентот Дејвид Селзник во 1939 година. Селзник починал во 1965 година.

Извор: Unilad.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот