X
 21.11.2021 Наука

Научниците првпат имаат пристап до сите мумии на деца од сицилискиот „Град на мртвите“

Катакомбите на Сицилија претставуваат една од најважните збирки на мумии во светот. Сепак, има многу малку документирани информации за мумифицирање на децата. Но, новото истражување треба да ја пополни оваа празнина во знаењето.

Д-р Кирсти Сквајерс, вонреден професор на Катедрата за биоархеологија, и нејзиниот тим добија ексклузивен пристап до претходно неистражената колекција на бебиња-мумии складирани во подземните гробишта на манастир во Палермо.

Катакомбите ја содржат најголемата колекција на мумии во Европа: повеќе од 1.284 мумифицирани тела, како и скелети, кои датираат од крајот на 16 до почетокот на 20 век.

Децата биле сместени во катакомби од 1787 година, но иако се направени опсежни истражувања на мумифицирани возрасни лица, никој не се занимавал со детските мумии.

- Бидејќи овој погребен обред првенствено бил наменет за возрасни, сакаме да разбереме зошто биле мумифицирани и децата. Имаме прилично силна претпоставка дека тие биле од повисоките слоеви на општеството, но не знаеме речиси ништо за нивното здравје и развој во тој период. Проектот ќе обезбеди важни податоци за да се утврди кои деца можеле да се мумифицираат - вели Кирсти.

Советот за истражување на уметноста и хуманистичките науки издвои повеќе од 70.000 фунти за двегодишниот проект кој ќе почне во декември 2021 година. Проектот ќе го надгледува Дирекцијата за културно и еколошко наследство на Палермо.

Ќе се користат неинвазивни методи - наспроти деструктивните методи како што е обдукцијата - за анализа на останките на 41 мумифицирано дете. Научниците користат преносливи рендген-апарати за да направат дигитални слики од секое дете, од глава до петици. Ќе бидат направени вкупно 574 рендген-снимки за да се процени нивната возраст и пол, како и да се идентификуваат сите патолошки и трауматски лезии.

katakomba
Фото: Wikipedia

- Откритијата за децата закопани во катакомби ќе ни дадат информации за условите за живот и околината во која живееле. Овие податоци ќе се споредат со биолошките карактеристики на децата закопани на друго место во Палермо, на кои не им била направена мумификација. Се надеваме дека ќе создадеме стандардизирана методологија за да им овозможи на другите истражувачи да го применат овој неинвазивен метод во проучувањето на детските мумии во светот - додаде Скварес.

- Навистина е возбудлива можноста да дознаете повеќе за животот на Сицилија во овој период. Нашето истражување ќе им помогне на туристите и на пошироката јавност да дознаат повеќе за децата сместени во катакомбите и за културното значење на оваа погребна церемонија - заклучува Скваерс.

Посебната карактеристика на катакомбите на Сицилија е во уникатната почва и воздухот, кои го спречуваат распаѓањето на телото. Сепак, Сицилијанците ги обработувале телата сушејќи ги осум месеци во посебни комори.

Извор: Nationalgeographic.rs
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука