Сите знаеме некој што почнува да го украсува домот за новогодишните празници уште во ноември. Дали е премногу рано?
Психолозите велат дека оние што ги украсуваат домовите за празниците веројатно треба да почнат со тоа порано бидејќи тоа може да им го подобри расположението, намалувајќи го стресот и зголемувајќи го периодот на уживање во празниците.
Илејн Родино, американски психолог, вели дека многу луѓе го одложуваат украсувањето на домовите бидејќи сметаат дека немаат доволно време, а подоцна чувствуваат притисок да го сторат тоа. Затоа, таа препорачува да се започне со овие активности порано. Покрај тоа, раното украсување на домот може да направи да чувствувате поголем ентузијазам за претстојните прослави со најблиските, но и носталгија по забавните моменти од минатото.
- Секако, раното украсување ја продолжува празничната сезона, носејќи ѝ повеќе среќа на личноста - вели Родино.
Фото: Pixabay
Претходни истражувања покажале дека семејствата што ги украсуваат домовите порано се сметаат за попријателски настроени кон другите. Психологот Полин Валин објаснува дека раното украсување ве поврзува со заедницата.
- Додека украсувате, веројатно мислите и на другите луѓе што ќе уживаат во украсите покрај вас - вели Валин.
Украсувањето на домот може да биде добро и за оние што чувствуваат тага или депресија бидејќи на тој начин се фокусираат на позитивни работи.
Според податоци од САД, 72 отсто од оние што слават Божиќ, Ханука и Кванза го украсуваат домот однатре, а 43 отсто ја украсуваат и надворешноста. Околу 80 отсто од нив ги поставуваат украсите пред 1 декември.
Извор:
Discover Magazine
Фото: Pixabay