X
 12.06.2020 Живот

Што открива најголемото истражување за осаменоста?

Ново истражување нуди објаснување зошто некои луѓе се чувствуваат осамени, а други не. За време на пандемијата некои луѓе се чувствуваат осамени, а други одлично се соочуваат со новата ситуација поради која сите сме принудени да се изолираме. Зошто постои оваа разлика кај луѓето?

Психолозите дури сега почнуваат да ги разбираат факторите што влијаат врз осаменоста на луѓето. Ново истражување прави голем чекор напред кога станува збор за разбирање на индивидуалните разлики во поглед на осаменоста. Во истражувањето учествувале 46.000 волонтери на возраст од 16 до 99 години. Тоа претставува најголемо истражување на темата досега во поглед на бројот на испитаници.


Фото: Pexels

Волонтерите биле од 237 различни земји. Тие требало да пополнат онлајн-прашалник, откривајќи колку често се чувствуваат осамени, а ги оставиле и податоците за староста, полот, работното место и статусот на личните врски. Истражувањето открило три интересни работи.

Возраста влијае врз осаменоста

Иако многумина би помислиле дека постарите лица се чувствуваат поосамени, истражувањето го покажало спротивното. Постарите лица поретко биле осамени од помладите. Генерално, луѓето во зрелите години биле поосамени од постарите лица, а помладите луѓе биле поосамени од оние во зрелите години.

Полот влијае врз осаменоста

Мажите почесто се чувствуваат осамени од жените. Ова откритие било поврзано и со возраста. Мажите на сите возрасти се чувствуваат поосамени од жените, но разликата помеѓу половите е најмала за постарите луѓе.


Фото: Pexels

Општеството влијае врз осаменоста

Луѓето што живееле во индивидуалистички општества, како што се САД, во кои индивидуалниот успех е важна животна цел, почесто се чувствуваат осамени од оние што живеат во општества каде што се поттикнува колективноста, како што е Гватемала. Ова било поизразено кај мажите и постарите лица.

Заклучок

Истражувањето покажало дека помладите мажи што живеат во индивидуалистички земји најчесто се чувствуваат осамени. Постарите жени што живеат во општества во кои се поттикнува колективноста најретко се чувствуваат осамени.

Автор: Себастијан Окленбург
Извор: psychologytoday.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот