X
 21.11.2021 Живот

Зошто Хонгконг гради станови од 12 квадратни метри?

Животот на Макс Ли, 26-годишен доктор од Хонгконг, се врти околу креветот во неговото студио. Тоа е првото нешто што го гледа кога влегува во својот стан. Не само што спие во кревет и гледа телевизија, туку и учи медицинска литература кога не е во болница. Неговиот лаптоп е поставен на мало и тесно биро.

Ли го избрал овој простор од 20,5 квадратни метри во висока застаклена зграда во раздвижениот центар на Коулун за да може да си дозволи да остане во центарот на градот.

- Во ред е да се живее овде сам, но кога ќе дојде мојата девојка, се прави метеж - вели Ли за „Блумберг“.

Микростан е еднокреветна соба

Животниот простор на Ли можеби изгледа невообичаено мал, но станбената единица во која живее всушност станува сѐ почеста - микростан. Има околу 8.500 од овие мали станбени единици во Хонгконг, кои на врвот на изградбата во 2019 година сочинувале 7 отсто од вкупната градба. Во сите блескави нови станбени кули во Хонгконг веројатно има луѓе набиени во вакви станови. Далеку од романтизираното американско „движење на малите куќи“, ова се еднокреветни соби, со доволно простор само за кревет, плакар, мала бања и кујна. Се продаваат како „пристапни куќи“.

Статусот на Хонгконг како еден од најгусто населените градови во светот и најмалку достапни го поттикнува пазарот за вакви станови. Според владините податоци, недостигот на станови предизвикал пораст на цените на куќите за 187 отсто од 2010 до 2019 година. Сега, просечните цени на куќите надминуваат 1,3 милион долари, во град каде што минималната плата е само 4,82 долари на час.

stan
Фото: Lam Yik/Bloomberg

Има станови и по 12
квадратни метри

Микроапартманите, кои чинат половина од просечната куќа, нудат пристап до најниската скала за недвижности. Најмалите од овие простори, со 12 квадратни метри, познати како наностанови, се помали од повеќето автомобили и нивните паркинг-места. Зградите како „Уан престиж“, изградени во 2018 година на островот Норт Поинт во Хонгконг, им служат не само на новодојденците на пазарот на недвижности, туку и на купувачите кои веќе поседуваат недвижен имот од континентална Кина и од други места. Становите со површина од 15 до 27 квадратни метри моментално чинат помеѓу 800.000 и 1 милион долари.

Градежните инвеститори одговорија на побарувачката за подостапни станови со сè поголема поделба на просторот на помали и помали единици, тренд што почна во 2015 година откако Владата ги олабави регулативите кои бараа природна светлина и вентилација. Претходно, прописите за заштита од пожари бараа кујните да бидат одвоени со ѕид и да имаат сопствен прозорец, што барало од инвеститорите да инсталираат внатрешни прозорци во дворовите или отворите за проветрување, така што посебните кујни имаат светлина и проток на воздух.

Променетите прописи дозволија отворени кујни, осветлени со еден прозорец на спротивниот крај на единицата. Така почнаа да се градат тесни станбени единици свртени кон единствениот ходник, со кујна до вратата. Резултатот е кујна што изгледа на хотелски минибар, со едноставно додавање електрична плоча. Може да има вградена микробранова печка, но никогаш вистинска рерна. И бањите може, но и не мора да имаат туш; понекогаш тушот едноставно се наоѓа над веце-школката.

Жителите не се жалат


Животот во тесни простории произлезе од бегалскиот менталитет на Хонгконг како прибежиште за илјадници бегалци од Кина. Сѐ почнало со кризата.

Божиќниот пожар во 1953 година во областа Шек Кип Меи во Коулун уништил бегалски колиби, оставајќи повеќе од 50.000 луѓе без покрив над главата. Владата за брзо време изгради населби за сместување на овие луѓе, почнувајќи ја градската програма за јавно домување. Така, на семејствата им биле понудени 11 квадратни метри. Повеќе од 300 луѓе морале да делат шест тоалети. Дури и овие преполни простори биле чекор напред во споредба со руинираните колиби на ридот.

- Луѓето навистина не се противеа и не се жалеа затоа што немаа причина. Имаше моменти во текот на 50-тите години кога повеќето жители на Хонгконг беа бегалци кои бегаа од Втората светска војна и Граѓанската војна, а потоа Комунистичката партија ја презеде власта во Кина. Тие го имаа тој бегалски менталитет. Ако избегавте од претходното место каде што не сакавте да живеете, тогаш немаше да имате многу очекувања за новото место, бидејќи целата ваша цел е само чист опстанок - вели Нг Ме-кам, научник за урбани студии од кинескиот универзитет во Хонгконг.

- Денес не е така. Имаме меѓународни дискусии за правата за домување и достапноста на домување. Основно човеково право е да се има пристојно место за живеење. Тогаш тоа беше сосема друга приказна - додава таа.

Планинскиот пејзаж на неговите острови не е погоден за градба


Топографијата на Хонгконг, исто така, влијае врз преференциите за мали станови. Планинскиот предел на неговите острови не е погоден за градба, а 75 отсто од територијата се зелени површини или природен пејзаж, од кои повеќето во форма на заштитени паркови. Тие напори за зачувување беа предводени од поранешниот гувернер на Хонгконг и страстен љубител на природата Лорд Меклехоз. Со зголемувањето на населението на градот во 60-тите и 70-тите години, тој го утврди огромниот пошумен терен на Хонгконг кој бил под заштита на владата.

Така, биле создадени 24 паркови кои дејствуваат како важна област за заштита на водата за ограниченото снабдување со вода во Хонгконг, како и зачувување на 443 квадратни километри шуми, пасишта, мочуришта, карпести формации и повеќе од 3.300 видови флора.

Тоа значи дека градот е многу понаселен отколку што покажуваат вкупните податоци, бидејќи само 7 отсто од земјиштето се за домување. Нејзините 7,5 милиони жители се сместени во населба со облакодери стиснати меѓу морето и планините. Најнаселена населба е Коулун, со густина на населеност од 49.000 луѓе на квадратен километар, што е речиси двојно повеќе од 27.600 луѓе кои живеат во исто толку простор на Менхетн.

2
Фото:  Josh Kramer/Bloomberg CityLab

Има и станови од 9 квадратни
метри

Владините политики кои фаворизираат неколку елитни градежни изведувачи го создадоа овој начин на живеење и придонесоа тој да биде прифатен кај населението во Хонгконг.

Поседувањето сопствена соба, дури и помала од паркинг-простор, може да се смета за подобрување на јавните станови, во кои живее речиси половина од населението (и за кои има шестгодишна листа на чекање).

Постојат уште помали „кафези“ или „ковчези“ - соби од девет квадрати изнајмени на жители на Хонгконг со најмали примања.

Апартманите во Хонгконг немаат плакари


Сепак, живеењето во тесни простори, исто така, бара семејствата внимателно да го разгледаат однесувањето на потрошувачите. Апартманите во Хонгконг немаат плакари, што значи дека зафаќаат скапоцена квадратура на просторот за живеење. Дури и во поголемите станови, кои во просек се од околу 60 квадратни метри, семејствата имаат малку простор за работи и мора да бидат претпазливи што купуваат и колку долго го чуваат. Затоа минатогодишната мода брзо се отфрла и се менува во годинешната, иако побогатите изнајмуваат и магацини за облека за различни сезони.

Во секој случај, минималистичкиот мебел мора да се сведе на минимум. Во микростанот ваквите одлуки се уште поекстремни. Промотивното видео за „Уан престиж“ покажува како еднокреветна соба се трансформира од дневна во трпезарија или спална соба: ниска масичка за кафе пред мала софа се подигнува за да стане трпезариска маса, а потоа каучот се расклопува во кревет.

Популарноста на наностановите опадна

Сепак, пазарите понекогаш можат да понудат корекции и има индикации дека клиентите се незадоволни од трендот на микродомување. Цените за становите помали од 24 квадратни метри пораснале за само 78 отсто меѓу 2010 и 2019 година, што е помалку од половина од вкупниот пораст на пазарот.

- Популарноста на наностановите се намали во последната година - вели Џозеф Цанг, претседател на „Џонс Ланг Ласал“ во Хонгконг.

- Некои нови проекти имаа тешкотии со продажбата на наностанови, додека поголемите станови сè уште се многу барани - истакнува Цанг.

Некои купувачи дури ги продадоа таквите станови со загуба за да купат поголеми станови во нова градба.

И покрај ова, просечната цена на наностанови помали од 24 квадратни метри се искачи на околу 33.000 долари за  квадратен метар во првите девет месеци од 2021 година. Тоа ги прави најмалите станови поскапи од станот со вообичаена големина, со речиси 5.000 долари за квадратен метар.

Некои граѓански групи поднесоа петиција за забрана на инвеститорите да градат помали станови. Истата квадратура поделена на два стана дава поголема заработка, а притоа зема данок за целото општество.

Повеќето станари на микростанови се надеваат дека нивната ситуација е привремена, дека ќе можат да купат поголеми станови кога ќе бидат подготвени за семеен живот. Д-р Ли, кој моментално го изнајмува својот стан во Коулун, штеди за аванс за стан со две спални.

- Живеам во толку мал стан за да заштедам пари. Сакам да се иселам што е можно поскоро - вели тој.

Извор: Bloomberg | 6yka.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот