Хонг Конг одамна е познат по врвната кујна, луксузниот шопинг и луксузниот начин на живот. Но, штотуку стана познат и по нешто друго.
Овој град сега е дом на најголемата концентрација на ултрабогати луѓе во светот - оние што поседуваат 30 милиони долари, па и повеќе, откако неодамна го престигна Њујорк. Еден од седуммина во Хонг Конг е милионер, а во овој град живеат околу 93 милијардери.
Станува збор за метропола насочена кон богатството. Даноците се ниски, корпоративниот данок е мал, а жителите не плаќаат данок за добра и услуги.
Ова е место каде што малечките апартмани со три спални се продаваат за 10 милиони долари. Членството во голф-клуб е 6 милиони долари. Младите луѓе се занимаваат со професии во правото и медицината, не затоа што уживаат во нив, туку затоа што знаат дека ќе заработат многу пари. Разговорите помеѓу пријателите речиси секогаш вклучуваат дискусии за парите.
Хонг Конг е место каде што можете да најдете најбогати луѓе, меѓутоа, како што открива Марк Фенел од австралиската веб-страница „Њуз“, постои и грда страна на овој гламурозен град што туристите не ја гледаат.
Во извештајот Фенел ја запознава богатата Мабел Лау. Нејзиниот татко создал неверојатно богатство работејќи во текстилната индустрија. Таа сега работи како инфлуенсер на „Инстаграм“ во партнерство со скапи брендови.
Мабел живее во едно од најексклузивните преградија во Хонг Конг, Реплус Беј. Кога не е дома, таа патува низ светот.
Таа го поканила во нејзиниот дом, вреден 10 милиони долари, покажувајќи му ја нејзината огромна колекција на луксузни чанти во вредност од десетици илјади долари.
- Постои голема разлика помеѓу богатите и сиромашните. Владата отсекогаш била критикувана за спроведување политики што ги фаворизираат богатите наместо да им помагаат на сиромашните. Очигледно е дека имаме финансиски капацитети за да им помогнеме на овие луѓе - вели таа.
Во нејзините зборови лежи мрачната тајна на Хонг Конг - онаму каде што постои екстремно богатство, постои и екстремна сиромаштија и малку се прави за да се намали големиот јаз меѓу нив.
Далеку од луксузните шопинг-области и домови вредни милијарди долари, во населби преполни со нелегални станови и со станови во кои живеат многу семејства, едно од пет деца живее под границата на сиромаштијата и се бори да добие образование што ќе го извлече од кругот на сиромаштијата.
Фото: SBS
30 отсто од населението во Хонг Конг живеат во јавни домови, а многу повеќе со години се на листите за чекање. Додека чекаат, условите за живеење се бедни.
Фенел посетил уште една жена во нејзиниот дом: 75-годишната вдовица Анти Хар. Таа е на листа на чекање за јавно домување, а осум години живеела во стан заедно со осум други семејства. Плаќа 300 долари месечно - околу третина од нејзината државна пензија, за да живее во малечка соба што се распаѓа.
- Понекогаш можете да ги видите стаорците како трчаат по таванот - вели таа. Сопственикот не сака да го поправи бидејќи ова е нелегална структура - вели таа.
Вели дека се чувствува безнадежно.
- Морам да се иселам, но не знам каде да одам. Се надевам дека владата ќе го подобри животот за луѓето од пониската класа. Тие треба да добијат основни услови за живеење - додава таа.
Најбогатите луѓе во Хонг Конг заработуваат 44 пати повеќе од сиромашните.
Владата на Хонг Конг неодамна ја зголеми границата за пензија од 60 на 65 години, принудувајќи ги луѓето да работат подолго. Со оглед на тоа што цените за имот се толку високи и толку долго се чека за живеалиште, Фенел открива дека постарите луѓе продаваат картони на улица за екстра пари, а другите се обидуваат да добијат бесплатни оброци.
Фото: ЅВЅ
- Многу од нашите помлади генерации се фрустрирани поради проблемот со домувањето. Ако не потекнувате од богато семејство, тогаш нема надеж дека ќе купите сопствена куќа - вели политичарот Нетан Ло, кој на 23 години бил најмладиот избран пратеник.
Тој вели дека кризата за домување во
Хонг Конг може да се поврзе и со ниските стапки на наталитет во градот: кога сè уште живеете со родителите, а сте возрасни, тешко е да имате романтичен живот, а камоли семејство.