Саудиска Арабија ја именуваше принцезата Рима бинт Бандар Ал Сауд за нова амбасадорка во САД. Првпат во историјата на Саудиска Арабија жена ќе носи толку важна титула. Таа ќе го замени принцот Калид бин Салман, помладиот брат на престолонаследникот Мохамед бин Салман, кој оди на функцијата заменик-министер за одбрана.
- Со дозвола од Бога, ќе ѝ служам на својата земја, нејзините лидери и сите нејзини деца и ќе се трудам до крајот - напиша Рима на „Твитер“ по именувањето.
Принцезата Рима е родена во Ријад во 1975 година. Нејзиниот татко бил амбасадор во САД од 1983 до 2005 година. Во текот на тие години, кои заедно со својот татко ги поминала во САД, принцезата одела во исламска академија и на Универзитетот „Џорџ Вашингтон“, каде што дипломирала музејски студии.
Во Саудиска Арабија се вратила во 2005 година и работела во приватниот сектор, отворила фитнес-сала и спа-центар за жени, а таа е и основач и креативен директор на бренд луксузни чанти.
Принцезата неколку години била извршен директор на луксузната корпорација „Алфа интернешнл“. Вработила многу жени, што било голем напредок со оглед на тоа дека во 2011 година таму работеле само мажи.
Рима го предводела вклучувањето на жените во секторот на малопродажба, а на тоа поле соработувала со министерството за труд. За да овозможи повеќе жени да се вклучат во пазарот на трудот, таа ја основала и првата градинка за деца на вработени жени.
Во 2013 година ја основала организацијата за социјално претприемништво „Алф Каир“, со цел подигнување на професионалниот капитал на саудиските жени. Една од нивните клучни иницијативи го претстави концептот на свесност за здравата саудиска заедница. Нивната долгогодишна кампања кулминира со најголемата розова панделка на светот.
Таа е на чело и на мултиспортската федерација на кралството, чија цел е да го насочи општеството кон поактивен живот. И тука е првата жена во историјата на земјата. Спортот е клучен дел од нејзината работа, па таа е и членка на Меѓународниот олимписки одбор и на Олимпискиот одбор на Саудиска Арабија.
Принцезата Рима
Фото: Wikipedia
Во светот е позната по својата работа во однос на вклучувањето на жените во деловниот свет и за тоа има примено многубројни признанија, а во 2014 година се најде и на листата со 200 највлијателни и најмоќни жени во Саудиска Арабија.
Таа вели дека вклучувањето на жените како активни учесници во деловниот свет е еволуција, а не западен тренд. Според Рима, Саудиска Арабија не може да функционира така што само половина од населението ќе работи.
Рима е разведена и има две деца.
Во текот на последните неколку години жените во Саудиска Арабија се радуваа на низа позитивни промени, но земјата и понатаму е мета на критики кога станува збор за еднаквоста на половите. Медиумите известуваа за системот „Абшер“ - апликација која го следи движењето на жените во Саудиска Арабија и нивните патувања и ги „фаќа“ ако сакаат да заминат без дозвола.
Можеби токму овој систем е вистинскиот показател на проблемите со кои се соочуваат жените од оваа земја.