Никој не сака да греши, меѓутоа сите грешат. Не постои личност која не згрешила барем еднаш и тоа е во ред. Детето треба да научи дека никој не е совршен и дека ниту тоа не треба да сака да биде совршено. Никој своите цели не ги постигнува веднаш, без грешки и падови. Доколку детето го сфати ова, ќе знае да го цени процесот и патот кон успехот, наместо крајниот резултат. Детето ќе знае дека не треба да се откаже лесно и ќе знае дека може да се поправи и ќе бара решение. „Најбоља мама на свету“ пишува за неколку начини со кои може да го научите детето да ги прифаќа своите грешки и да го извлече најдоброто од нив.
Внимавајте како реагирате на грешките на детето
Воздржете се од превртување на очите, викање, нервоза, лутина и слични реакции кои кај детето само ќе го засилат чувството на вина. Може да бидете разочарани, но тоа чувство чувајте го за себе. Наместо укор, кој ќе предизвика срам, сконцентрирајте ја вашата енергија детето да го мотивирате за нешто подобро во иднина. Целта треба да биде детето да разбере дека треба да се труди и понатаму без да се срами или чувствува виновно.
Објаснете му на детето дека се учи од грешките
Вистина е дека не треба да се откажува по првиот неуспех. Од грешките може да се учи. Кога на вашето дете нешто не му оди од рака, стимулирајте го да проба поинаку. Грешките ни кажуваат дека нешто не функционира и дека треба да пронајдеме нов начин. Објаснете му на детето да не губи трпение и да не се откажува веднаш штом ќе згреши.
Научете го детето да се бори со фрустрацијата
Грешките нервираат и знаат да фрустрираат. Најдобро што може да направите е кај овие ситуации да го потсетите детето што може да направи. Важно е детето да знае дека вас може да ве праша сè. Потоа, не го заборавајте одморот. Ако детето е нервозно од голема помош може да биде паузата.
Признајте ги сопствените грешки
Покажете му на детето дека и вие правите грешки. Ништо нема да вреди доколку глумите совршенство. Тоа може да бидат мали или очигледни работи, како скршена чаша или истурена вода.
Не спасувајте го секогаш кога греши
Секогаш кога го извлекуваме детето од некаков проблем му одземаме можност да научи нешто. Многу полесно е да се реши сè, но детето така може да се опушти бидејќи ќе знае дека вие секогаш сте тука за да ги решите работите. Покажете му на детето дека тоа е одговорно за некои работи.
Пофалете го детето кога ќе признае дека згрешило
Кога детето ќе ви признае дека сторило нешто погрешно, пред да му одржите лекција, не заборавајте да го пофалите бидејќи ја кажало вистината. Не е лесно да се признаат сопствените грешки.
Научете го детето да ја побара причината за своите грешки
Невозможно е детето да научи нешто од своите грешки доколку не го стимулирате да се запраша во што е проблемот и што не направило како што треба. Потребна му е анализа која ќе пронајде каде била направена грешката.
Обидете се да најдете светла страна од грешката
Иако тоа секогаш не е можно, кај одредени грешки постои
позитивна страна. На пример, детето кое не успева веднаш правилно да напише буква не мора истиот момент да случне дека не ја пишува правилно. Може да кажете дека „новата буква изгледа баш интересно“ и може да ја искористи во некој цртеж. Потоа поправете го и помогнете му во вежбањето.