Студентите ќе може да го користат секој работен ден од 8 до 20 часот во рестораните што склучиле договор со МОН
Владата даде позитивно мислење на барањето на Собранието за предлог-законот за субвенциониран студентски оброк, кој пратениците треба да го усвојат по скратена постапка.
Законот предвидува студентите од државните и од приватните универзитети да може да користат субвенциониран оброк во ресторани кои склучиле договор со Министерството за образование и наука по пониска цена.
Плаќањето ќе може да го вршат преку мобилен телефон или преку студентска картичка. Предвидени се по 120 денари или 2.400 месечно за секој студент за здрав студентски оброк. Од партијата ЛДП, која е предлагач на законот, предлагаат правото на субвенциониран оброк студентите да може да го користат секој работен ден од 8 до 20 часот, но не и во периодот од 1 јули до 14 септември во годината, како и за време на државни, верски празници и во неработни денови.
Во законот е предвидено дека под субвенциониран студентски оброк се подразбира приготвена храна, но со Правилник за субвенциониран студентски оброк донесен од Министерството за образование и наука во кој детално ќе биде уредено што вклучува оброкот, како и дека од субвенција се исклучени газираните пијалаци и брзата храна, како бургери, бели печива, тостови, конзервирана храна.
Износот ќе се исплаќа на давателите на услуги кои услужиле студент, на почеток на тековниот месец за претходниот месец, по изготвена фактура од нивна страна доставена до Министерството за образование и наука.
Примерот е земен од Словенија каде што 10 години успешно се спроведува.