(
Фото: Shutterstock)
Факултетската диплома отвора повеќе професионални можности отколку дипломата од средното училиште, но тоа не значи дека е поткрепена со соодветно знаење. За жал, многу студенти прибегнуваат кон алтернативни решенија за полагање на испитите.
Некои не сакаат да учат, но сакаат да ја имаат фамозната диплома, а некои имаат проблем само со одредени испити, па се обидуваат да ги положат на поинакви начини. Методите со кои се служат се различни, но некои од нив се најпопуларни меѓу студентите.
Препишување од колегите
Овој метод на мамење е популарен и во средно училиште, па и во основно, и не бара многу труд, ни подготовки, освен среќа колегата во близина да има иста група прашања и да не му пречи што препишувате од него.
Препишувањето не е сигурна метода за да се помине на испитот, но е единственото што ви останува ако не сте се подготвиле добро.
Старите добри ливчиња
Ливчињата со ситно испишани дефиниции се традиционална и добро позната метода на мамење на тестовите. Нема ученик, ни студент кој барем еднаш не ставил ливче во џебот, футролата или под клупата за да му се најде за секој случај. Порано било потребно повеќе време за испишување на содржината, но денес таа процедура е побрза благодарение на компјутерите и брзото пишување на тастатурата. Материјалот се намалува до потребната величина, се печати, се сече и се прават „фишеци“.
Чест случај е студентите да користат туѓи ливчиња, од постарите колеги или од оние што веќе го положиле истиот предмет.
„Бубици“ и напредна технологија
Развојот на технологијата придонесе и за развој на можностите за мамење на испитите. Постојат повеќе начини за употреба на мобилните телефони во тие цели. Безжичните слушалки и радиоврската со лице кое дури и не мора да биде на факултет, може да бидат гарант за успех.
Исто така, многу популарно е и користењето „бубици“ за испитите, кои доживеаја вистинска експанзија во последните години. Нивната примена е толку распространета поради достапноста, но и поради предностите што ги има.
Може добро да се скрие, а лесно да се изнајми, но и да се купи, бидејќи цените ѝ се доста пристапни. Последна технолошка придобивка во вакви цели се и часовниците за препишување. Текстот напишан на компјутер има можност да се префрли на часовникот преку УСБ. Баш интелигентно решение, нема што.
Најмување дублер
Многу ризично и за студентот и за тој што го глуми. Освен што студентот ќе добие незаслужена оценка, тука станува збор за фалсификување лични документи, како и лажно претставување, што претставува сериозно кривично дело. Сепак, не е реткост мамењето на ваков начин.
Како да му се застане на патот на овој проблем
Има безброј можности за мамење на тестовите, но прашањето е како да се реши овој сериозен проблем. На ваков начин добиваме стручни лица со дипломи, но без потребното знаење за титулата што ја стекнале. Неквалитетниот кадар не носи ништо добро, ни на компаниите во кои се вработува ни во општеството во целина.
Додека надлежните не се погрижат за овој проблем, ни останува преку воспитувањето да влијаеме врз младите, да им всадиме работни навики и морални вредности, кои, за жал, се на сè пониско ниво.