Здравствениот дом во Скопје денеска доби две амбулантни возила за транспорт на пациенти, донацијата е од Советот на Општина Чаир, соопшти Министерството за здравство. Оттаму додаваат дека средствата наменети за новогодишно украсување општината ги пренаменила за поддршка на здравствените служби во борбата против Ковид-19.
Двете возила кои Опшитина Чаир ги донира на Службата за итна медицинска помош при Здравствениот дом во Скопје чинат 2,6 милиони денари.
-Сакам да им се заблагодарам на советниците на општинскиот совет со кој заедно го отворивме патот за реализација на ова хумано дело и едногласно на вонредната седница ја усвоивме одлуката овие возила да се донираат што побрзо и да бидат ставени во функција за ефикасна интервенција - истакна градоначаникот на општина Чаир, Висар Ганиу и упати апел сите заеднички да продолжиме да се бориме со Ковид-19 и да ги почитуваме мерките и протоколите што доаѓаат од надлежните институции.
Министерот за здравство Венко Филипче се заблагодари на градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу за високата општествена одговорност и свесноста во работењето.
-Ова е значајна донација. Овој сегмент на Итната медицинска помош е еден многу сериозен и значаен сегмент во целокупниот здравствен систем, кој во континуитет го надградуваме. Целокупниот возен парк повеќе од 3/4 целосно е обновен, со набавката од Министерството за здравство, од донациите кои пристигнаа во изминатиот период - рече Филипче и додаде дека јавното здравство одигра и едно од клучните улоги во третманот, транспортот, првата помош и дијагнозата на пациентите со коронавирус.
Министерот информираше дека во тек е процедура за вградување на посебни инструменти за GPS навигација, камери во сите возила во Здравствениот дом во Скопје.
-За две недели ќе заврши целокупната инсталација и со тоа целосно ќе биде модернизиран и овој сегмент од Итната медицинска помош. Тоа значи дека во секој момент точно ќе се знае каде е возилото, каде е наоѓа, кога е испратено, за колку време ќе дојде од моментот на испраќање. Ова значи една многу значајна постапка за модернизација на возилата за ИМП - истакна Филипче.
Фотографии: Министерство за здравство