Во новиот серијал на УКЛО ги запознаваме најдобрите студенти. Серијалот го продолжуваме со Елена Стефаноска од Техничкиот факултет – Битола.
Зошто одбра да студираш на УКЛО? Зошто е добро да се студира дома?
- Мојот избор за студирање беше УКЛО, пред сѐ, поради желбата да го студирам тоа што го сакам и можноста да го студирам тоа во градот во кој живеам. Сметам дека УКЛО претставува добар избор за студирање кој поседува висококвалитетен кадар и нуди различни можности за студентите. Секогаш е предност, доколку се има можност, да се студира во местото на живеење од повеќе причини. Студирањето дома е добро бидејќи како што вложуваме во себеси и напредуваме на професионално ниво, воедно вложуваме и придонесуваме во развојот на општеството.
Што значи за тебе наградата најдобар студент?
- Наградата најдобар студент за мене значи награда за вложениот труд и постигнатите успеси во текот на студирањето и поттик за понатамошен напредок во студирањето и во кариерата.
Ги исполни ли УКЛО твоите очекувања? Кои моменти од студентските денови ќе останат во твоите сеќавања?
- УКЛО ги исполни моите очекувања во текот на четирите години од моето студирање од првиот циклус на студии, се надевам дека ќе продолжи да ги исполнува очекувањата на своите студенти, да соработува и да создава добри можности за сите што вложуваат труд во текот на студиите. Моменти кои ќе останат во моите сеќавања се стекнувањето нови знаења од полето на студии и практична примена на истите, посветеноста и соработката на наставниот кадар со студентите во сите години на студирање, меѓусебното разбирање и помагање меѓу колегите за совладување на предметните материјали.
Каде се гледаш по пет години?
- По пет години се гледам како дел од Технички факултет - Битола, каде што завршив прв циклус на студии и моментално сум студент на втор циклус на студии, или во некоја од локалните компании кои би ми овозможиле да се докажам како добар дипломиран машински инженер.
Твојата порака до сегашните и идните студенти на УКЛО?
- Мојата порака до сегашните и идните студенти на
УКЛО е да напредуваат во студирањето и за возврат да бидат наградувани, да се вложат себеси за во иднина да им се исплати трудот, да не се откажуваат и да се соочат со секој предизвик, постојано да истражуваат и да ги остваруваат поставените цели и, секако, да студираат технички науки бидејќи инженерските струки сѐ почесто се бараат во индустријата.
(Комерцијална објава)