X
 23.05.2018 Живот

Го напуштил училиштето и основал компанија која е сон за сите милениумци

Калум Нигус Фанси е 28-годишен британски претприемач кој својата компанија ја основал во подрумот од домот на неговите родители во Западен Лондон. Основана во 2013 година, „Verve“ е софтверска платформа која им овозможува на брендовите да регрутираат фанови за да продаваат влезници за нивните настани во замена за награди, како бесплатни влезници и ВИП-беџови.

Денес „Verve“ има 35 милиони долари ризичен капитал и од само пет прерасна на компанија со 160 вработени во канцелариите во Лондон, Лос Анџелес, Лас Вегас и други градови. Според основачот, и покрај растот, културата на компанијата останала прилично иста. Уште од почетокот вработените во компанијата имаат слобода да си ги одредат работното време, работното место и состаноците.

-Едноставно не се грижев за тоа дали вработените дошле во канцеларија или останале дома девет часа. Се грижев само за вредноста што ја создаваат за нашите клиенти - објаснува Фанси.

Милениумците генерално работат по повеќе часови, се откажуваат од подолги одмори и веројатно ќе се пензионираат многу подоцна од претходните генерации. Исто така, тие заработуваат помалку пари отколку нивните родители кога биле на нивна возраст.

Сето ова може да резултира со исцрпеност, недостиг на ангажирање во работата или откажување. Во 2016 година една анкета откри дека 21 отсто од милениумците ја промениле работата во текот на минатата година (што е повеќе од тројно од бројот на оние што не се милениумци, а го направиле истото), додека 60 отсто се отворени за нови можности. Како резултат, компаниите смислуваат креативни решенија за да ги задржат своите работници-милениумци што подолго, па дури и им даваат пари за патувања.

Во „Verve“ речиси сите 160 вработени работат од канцеларии расеани низ светот. Според Фанси, голем дел од вработените се во 30-тите години од животот и работат од кафулиња или од дома барем еден ден во неделата. Компанијата нема одредено работно време или денови за одмор.

- Филозофски, јас сакам луѓето да гледаат на канцеларијата како на алатка наместо како на место каде што треба да одат - вели тој.

Ако некој вработен треба да замине порано зашто има закажано кај стоматолог, Фанси вели дека тој може да го направи тоа без да им кажува на колегите. Фанси додава дека вработениот кој цело време кажува каде е покажува знаци на анксиозност, што може да е симптом од претходната работа. Менаџерот можеби ќе седне со него и ќе му објасни зошто не мора да го прави тоа во „Verve“.

Фанси го напуштил училиштето на 17 години бидејќи, како што вели тој, не се вклопил, не уживал во учењето и не се чувствувал мотивиран за успех. Основал компанија и ја нарекол „Let's Go Crazy“. Потоа организирал забави без алкохол и дрога за тинејџери на возраст од 16 до 18 години. Речиси и немал капитал, но ја користел продажбата на влезници за да ги покрие трошоците за изнајмувањето на клубовите.

Калум Нигус Фанси
Фото: Business Insider

Фанси се решил да ја основа „Verve“ откако видел колку добро тинејџерите им продаваат карти на други тинејџери за настаните на неговата компанија. „Verve“ користи усна комуникација за да продава влезници за настани, претежно музички фестивали. Корисниците им продаваат карти на свои пријатели за да добијат кул награди, како пристап до бекстејџот и слично.

Флексибилноста околу канцелариите и работните часови ги привлекла милениумците, а на веќе вработените им дала повеќе причини да останат, тврди Фенси. Според истражување за задоволството на вработените од 2017 година, 24 отсто од вработените во компанијата истакнале дека целосно се согласуваат дека не се чувствуваат осудени за земање слободни денови. Една третина од вработените истакнале дека целосно се согласуваат дека имаат слобода околу тоа каде, како и кога ќе работат.

Според Фенси, компанијата имала неколку проблеми со вработени што ги злоупотребиле тие бенефиции, но кога некој вработен нема да ги постигне целите, се вклучува менаџер кој треба да сфати зошто е така.

Тој нагласува дека компанијата расте брзо и дека оние што се приклучуваат треба да сфатат дека флексибилно работно време не значи помалку работни часови.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот