Наместо да ја користат пензијата за патување, уживање и релаксација, многу Јапонци претпочитаат да ги користат своите вештини и знаење и да се вратат на работа.
Велат дека тоа им помага да останат во добра психо-физичка форма, па 68-годишната Ацуко Каса нема намера да запре. Таа работи во центарот „Силвер Џинзаи“, во близина на нејзиниот дом во Јокохама, а нејзиниот план е да остане на таа работа што е можно подолго.
Каса смета дека уште е млада за да се пензионира, а од друга страна, сака и да им помага на другите. Порано работела во финансии, како дел од една козметичка компанија, а сега наместо да ја уредува градината, да се дружи или да поминува повеќе време со внуците, таа повторно оди на работа.
Сепак, не е сѐ до задоволството. За некои Јапонци, ова значи дополнителен приход. Нивниот втор мотив е тоа што сакаат да бидат корисни за општеството.
Каса, инаку, работи во групата за поддршка на лицата со посебни потреби во Јокохама, а помага и во приготвувањето храна во кафулето. Иако е речиси на 70-годишна возраст, таа вели дека сака да се соочи со предизвиците што ги немала досега.
Интересно е што многу Јапонци по пензионирањето бараат работа во областа на дизајнот, а помагаат и во собирањето отпад по улиците. Особено се барани оние што знаат странски јазици.
Во оваа земја, како и во многу други, има значителен недостиг на работници, па тоа е уште една причина што работодавците вработуваат постари граѓани, подготвени за работа.
Јапонската Влада во април ја подигна задолжителната возраст за пензионирање од 65 на 70 години, иако аналитичарите посочуваат дека е можно Јапонија да се соочи со недостиг на околу шест милиони работници до 2030 година.
Извор:
Biznis.telegraf.rs
Фото: Freepik