„Дневникот на Ана Франк“, „Малиот принц“ и „Куќичката на ежот“ се само некои од делата што немаат повеќе место во новата наставна програма за хрватски јазик.
Некои од нив досега беа дел од проширената листа со лектири за читање, но повеќе не се. Другите, пак, едноставно исчезнаа од препорачаната листа со лектири во предложената наставна програма по предметот хрватски јазик од 2016 година.
Меѓу нив е и „Куќичката на ежот“. Ова е едно од делата што го означија почетокот на иницијативата #idaljecitam на младиот театарски режисер Ловро Крсник.
Минатиот петок пред влезот на владината зграда Ловро ја отвори книгата „Малиот принц“ и почна да ја чита наглас. Оттогаш секој ден се враќа на истото место и еден час чита некои од книгите што исчезнаа од листата со лектири. Својот мирен протест го споделува на социјалните мрежи, особено на неговиот инстаграм-профил @idajlecitam, каде што во живо го пренесува секое читање, а истото го прави и на „Фејсбук“. Поради неговиот густ распоред, секој ден чита во различен термин, па еден ден претходно на социјалните мрежи го најавува наредното читање.
- Сакам да ги потсетам луѓето дека и понатаму е важно да читаат и дека не може толку лесно да се откажат од книгите или да ги доведат во прашање - вели Ловро.
Досега пред владата ги има прочитано „Малиот принц“, „Куќичката на ежот“, а сега продолжува со „Пипи долгиот чорап“.
- Живееме во време на многу редукции поврзани со сите области што генерациите пред нас ги сметаа за одреден цивилизациски подвиг. Дотациите за култура и наука, социјално и пензиско осигурување, а за жал тука е и намалувањето на тежината на наставната програма. Се разбира, потребно е да се приспособи и да се подобри училишната програма со времето во кое живееме, но мислам дека тоа не смее да биде на сметка на литературата. Периодот на задолжително образование и онака брзо поминува во споредба со остатокот од работниот живот и за многумина ова ќе биде единствена можност да се сретнат со четиво што припаѓа на класиката - вели тој.
Од владината зграда му се приближува само обезбедувањето
Ловро признава дека во училишните денови неговите навики за читање не се разликувале од оние на повеќето негови врсници. Често бил принудуван да чита одредени дела, но денес е благодарен за тоа.
- Она за кое денес сум бескрајно благодарен се моите блиски што беа упорни во тоа да ми ги приближат книгите и во мене да изградат афирмативен став кон читањето. Сите прочитани книги го проширија мојот емотивен и ментален корпус, а најважно, ми ја поттикнаа фантазијата. Без една таква база на рана возраст сигурно никогаш не би завршил театарска режија на Академијата за драмски уметности, ниту успешно би живеел од својата уметничка креативност - вели тој.
Колку политичарите се грижат за исфрлањето одредени лектири од листата за читање најдобро покажува тоа што на читањето на Ловро не изреагирал никој од владата. Всушност, му се приближило само обезбедувањето. Го посетуваат и полицајци, речиси во ист процент колку и граѓани.
- Секојпат ми бараат лична карта, а тогаш обично ги прашувам: „Дали може да ви читам вам?“, па сите се смееме и ме оставаат да продолжам со мојата акција. Вчера отидов во главната полициска станица за да добијам дозвола за јавен собир. Ме испратија со насмевка и ми кажаа дека не правам ништо незаконско бидејќи само читам на јавно место. Истото важи и за оние што доаѓаат да ме слушнат бидејќи ништо од тоа не е нелегално. Во пет дена дојдоа шест службени лица, а само осум граѓани, кои за моето читање дознале преку социјалните мрежи. Можеби бројката е обесхрабрувачка, но верувам дека допрва ќе дојдат лавина реакции - вели Ловро.
Ловро планира да чита по еден час секој ден. Според него, единствено тој континуитет има смисла. Не му е едноставно да се организира бидејќи како режисер работи на три претстави, така што 10 до 12 часа работи на пробите, седум дена во неделата. Сепак, нагласува дека не му е тешко.
- Планирам да продолжам додека чувствувам дека има смисла и дека има луѓе на кои треба да им се врати вербата во читањето. Ниедна промена не доаѓа преку ноќ. Мојот внатрешен порив е да читам и ќе бидам тука за Малиот принц, Алиса, Пипи, Петар Пан, Садако, Хајди, Хакалбери Фин и многу други ликови, токму како што и тие беа тука за мене кога растев.
Оние што не можат да го посетат можат да се приклучат на
иницијативата преку социјалните мрежи поставувајќи фотографија или видео додека читаат некоја од лектирите што повеќе не се на листата, на хаштагот #idaljecitam.