Шест земји постојано го заземаат првото место на глобалните индекси благодарение на прогресивната социјална политика, довербата во власта и ефективниот судски систем.
Ефикасноста на функционирањето на државниот апарат и државата како целина може се измери во неколку параметри. Факторите што влијаат врз степенот на уреденоста на државата, пред сѐ, се прогресивната општествена политика, довербата во владата и ефективното правосудство. Денес постојат неколку индекси што го мерат присуството на овие критериуми во некои земји. Новинарите на Би-би-си разговарале со жителите на овие земји што ги заземаат првите шест места на индексот на уреденост за да дознаат кои фактори најмногу влијаат врз нивното секојдневие.
Данска
Иако сите скандинавски земји високо котираат во секој индекс, Данска успеа да ги надмине сите. Нејзините резултати на индексот што се однесуваат на задоволување на основните човечки потреби ја ставаат далеку пред другиот дел од светот, а зазема и висока позиција според индексот на социјален напредок. Предноста се наоѓа во данската доверба во општеството, која им е поважна од самата документација.
На пример, ако еден Данец се разболи и не може да оди на предавање или на работа, може само да му се јави на шефот и да го извести за тоа. Во Германија, на студентите и на вработените во овие случаи сепак им е потребна лекарска потврда. Овој пример покажува дека Германците сакаат да ги решаваат проблемите на официјален начин, додека Данците на тоа му пристапуваат поопуштено и пријателски.
Нов Зеланд
Австралија и Нов Зеланд се на соседните места на многу индекси, но Нов Зеланд сепак стои подобро во однос на севкупната политичка стабилност и почит на основните човечки права. Не смее да се заборави дека Нов Зеланд е земја која прва им овозможила право на глас на жените уште во 1893 година. Исто така, земјата има политика за поддршка на самохраните родители, децата, студентите и пензионерите.
На пример, кога граѓанин на Нов Зеланд по 65 навршени години ќе стане пензионер, автоматски започнува да прима парична помош од владата, без оглед на потеклото, материјалниот и социјалниот статус.
Канада
САД и Канада се наоѓаат високо на сите индекси, но Канада сепак е поуспешна од својот јужен сосед во поглед на политичката стабилност и борбата против насилство, односно тероризмот. Канада, всушност, по многу параметри е поблиска до скандинавските земји, а меѓу другото и по исхраната и здравствената заштита, како и основното образование и човековите права.
Но, Канада е попрогресивна од САД. Одземањето на правото на глас на жените или граѓанските права на ЛГБТ во оваа земја ретко се предмет на јавна дебата.
Јапонија
Земјата на изгрејсонцето е водечка во Азија според индексот на Светската банка што ја мери ефикасноста на владата, владеењето на правото и политичката стабилност. Исто така, Јапонија е на прво место кога станува збор за индексот на социјален напредок поради добриот пристап до основни знаења, снабдување со вода и санитација, храна и здравствена заштита. Јапонскиот здравствен систем е еден од најдобрите во светот.
Еден од јапонските адути е образовниот систем - основното и средното образование се меѓу најдобрите во светот.
Единствената слабост на јапонското образование е претераната систематичност, што понекогаш води до преголема стандардизација. Позитивната работа секогаш е умереноста кон исхраната како клучна компонента на образованието - училишните оброци се подготвени од локално произведена храна, а наставната програма се фокусира на здравата храна и историјата на храната.
Боцвана
Боцвана е една од најуредените африкански земји, посебно во борбата против корупцијата, каде што зазема водечка позиција во Африка според Светската банка и индексот на владеење на правото. Владата на Боцвана во 1994 година ја основала Дирекцијата за корупција и економски криминал, чии активности успеале да ја намалат корупцијата во локалната политика на ниско ниво.
Покрај тоа, Боцвана е позната по високиот статус на лични слободи, слобода на печатот и имотното право. Овие слободи се чувствуваат и во секојдневната комуникацијата. Општеството во Боцвана е либерално, а религијата, бојата на кожата и полот немаат пресудно влијание. Покрај тоа, граѓаните реагираат многу остро на каква било форма на неправда.
Законот пропишува дека секое село од најмалку 500 луѓе има право на здравство и основно образование.
Заштитата на животната средина е една од точките на владината програма на која се посветува посебно внимание. Туризмот во Боцвана е 12 отсто од вкупниот БДП и се базира на зачувување на заштитените подрачја.
Чиле
Чиле се наоѓа на врвот меѓу земјите од Јужна Америка, според веќе споменатите критериуми.
Еден од позитивните елементи на чилеанскиот систем е ниската стапка на корупција во јавните служби, што вообичаено е доста честа појава во остатокот од континентот. Странците во Чиле релативно лесно можат да купат имот или да започнат бизнис, што не е случај и во други земји.
Здравствениот систем е ефикасен, но она на што особено се гордее земјата е инфраструктурата. Високиот квалитет на автопатиштата и достапноста на вода и електрична енергија го прават Сантијаго една од најпосакуваните светски метрополи. Чиле е земја што е екстремно отворена за странци и авантуристи.
Сепак, строгите социјални поделби понекогаш ја отежнуваат интеграцијата во чилеанското
општество. Затоа, на странците им се препорачува да се придружат на некоја соодветна фејсбук-група за полесно да стекнат пријатели и да соберат информации за различни практични работи.