Нови фотографии откриваат дека еден од најнеобичните астероиди во Сончевиот Систем истовремено е и оној што има најмногу кратери.
Астероидот Палас, со дијаметар од 512 километри, е трет најголем во астероидниот појас помеѓу Марс и Јупитер. Кога Палас бил откриен во 1802 година, бил вториот откриен астероид дотогаш, а неговиот откривач, германскиот астроном Хајнрих Вилхелм Матеус Олберс, на почетокот го класифицирал како планета.
Палас се движел необично низ вселената долг период. Тој постојано влегувал и излегувал од главниот појас и при неговиот пат бил удиран од помали тела. Нови слики ги покажуваат последиците од чудното движење на астероидот.
- Од овие слики може да заклучиме дека Палас има најмногу кратери од сите тела што ги знаеме во астероидниот појас. Ова е како да сме откриле нов свет - вели астрономот Михаел Марсет, автор на истражувањето во кое се опишуваат сликите.
Фото: Мit.edu
Астероидите во астероидниот појас се движат многу брзо. Но, тие најчесто имаат слична орбита, пишуваат истражувачите. Кога овие вселенски карпи се удираат една од друга, ударите може да бидат катаклизмични и да создаваат кратери. Во Палас се удираат други тела двојно или тројно почесто отколку во Церера или Веста, најголемите тела во астероидниот појас, а неговата крива орбита е едноставно објаснување за неговата чудна површина, која ја немаат другите два астероиди, вели Марсет.
Новите слики биле направени со инструментот СПХЕРЕ на телескопот на Европската јужна опсерваторија во Чиле. На сликите се гледаат кратери поголеми од 30 километри во дијаметар, а има и кратер широк 400 километри на екваторот на астероидот, кој веројатно бил создаден со удар во тело широко 40 километри. На Палас има и светла точка за која истражувачите претпоставуваат дека е солена површина.
Извор:
Livescience.com