Мозоците на астронаутите не реагираат баш најдобро на долготрајните вселенски патувања бидејќи го зголемуваат својот волумен и на тој начин го зголемуваат и притисокот во главата, што е потенцијално лошо, открива нова студија.
Некои од астронаутите по долг период поминат во вселената имаат проблем со влошен вид, а нова научна студија откри која е вистинската причина за тоа.
Лари Крамер од Центарот за здравствена наука при Универзитетот во Тексас и неговите колеги направиле студија во која откриле дека мозокот на астронаутите што минуваат долго време во вселената се шири во черепот и создава зголемен притисок, што можеби е објаснување за тоа зошто дел од нив по враќањето на Земјата патат од влошен вид.
- Тоа создава дополнителна загриженост околу долготрајните меѓупланетарни патувања, како што се идните човечки мисии на Марс - вели Крамер.
Тој и неговите колеги скенирале мозоци на 11 астронаути еднаш пред да поминат шест месеци на Меѓународната вселенска станица и шест пати во текот на една година по враќањето на Земјата. Добиените податоци откриле дека на сите астронаути им бил зголемен волуменот на мозокот по враќањето на Земјата, вклучително и белата маса, сивата маса и цереброспиналната течност околу мозокот.
Во услови на нормална гравитација се верува дека течноста во мозокот оди надолу додека стоиме исправено, но постојат докази дека во услови на микрогравитација тоа не функционира така, односно дека микрогравитацијата го спречува тоа, па течноста се насобира во мозокот и черепот.
Скенирањата што ги направиле научниците пред и по продолжениот престој на астронаутите во вселената покажале дека волуменот на нивниот мозок се зголемил во просек за 2 отсто и дека таа промена била присутна и една година по враќањето на Земјата. Тоа може да резултира со зголемен интракранијален притисок и може да ги притиска и оптичките нерви, што би ги објаснило честите проблеми со видот на кои се жалат астронаутите, смета Крамер.
Исто така, Крамер и неговиот тим откриле и деформација на хипофизата кај 6 од 11 астронаути, што е само дополнителен доказ кој сугерира дека вселенските летови влијаат и врз промената на структурата на мозокот.
- Моментално работиме на методи со кои би се спротивставиле на промените што ги уочивме на мозокот со користење вештачка гравитација - истакна тој.
Во тие методи спаѓаат и центрифуга со големина на човек која би го вртела лицето со голема брзина или вакуумска комора околу долниот дел на телото за да може крвта да се повлече назад кон нозете.
- Се надеваме дека некоја од овие методи ќе биде тестирана во микрогравитација и ќе се покаже ефикасна - вели Крамер.
Извори:
New Scientist,
Zimo
Насловна фотографија: Unsplash