X
 18.06.2020 Технологија

„Покемон гоу“ ќе прави 3Д-мапа од целиот свет

Во 2016 г. стотици милиони луѓе што ја играа мобилната игра „Покемон гоу“ одеа по улиците барајќи виртуелни суштества. Така стана популарна технологијата за аугментирана реалност, што поставува компјутерски генерирани слики на околина од реалниот свет.

Сега „Покемон гоу“ оди чекор напред. Со нова опција во играта играчите се поттикнати да создаваат и прикачуваат тродимензионални слики од вистински локации. „Ниантик“, компанијата што стои зад играта, неодамна ја купи компанијата за мапирање со технологија за аугментирана реалност „6Д.аи“. Тогаш извршниот директор Џон Хенк изјави дека заедно со купената компанија ќе се прави динамична, тродимензионална мапа од светот.


Фото: Pexels

Но, „Ниантик“ не е единствената компанија што се обидува да создаде 3Д-мапа од светот. Во февруари „Фејсбук“ ја купи компанијата за аугментирана реалност „Скејп текнолоџис“, која создавала тродимензионална мапа од целиот свет. Верзија од „Мајнкрафт“ за мобилен телефон прави нешто слично.

Сите овие проекти може да имаат влијание врз нас во блиска иднина. Преку игрите компаниите собираат податоци за играчите и нивната околина. Последната игра на „Ниантик“, „Хари Потер: Визардс Јунајт“ собира податоци за локацијата на играчот приближно на секои пет секунди, а тоа може да биде доволно за да се препознаат карактеристиките на однесувањето на индивидуалецот и интимни детали од неговиот живот.


Фото: Pexels

Технолошките компании и инвеститори сметаат дека овие податоци се многу вредни. Какви може да бидат последиците од користењето на технологијата за аугментирана реалност?

Освен веќе познатите методи за попрецизно рекламирање, според некои експерти, системите за аугментирана реалност може да функционираат како системи за набљудување. Во светот нема многу правила за собирањето на податоците од корисниците, а тоа може да доведе до создавање моќни системи за набљудување, контрола и влијание. На пример, некои компании почнаа да се дистанцираат од технологијата за препознавање лица поради многубројните критики за нејзината погрешна употреба.

Во меѓувреме, технологијата за аугментирана реалност продолжува да се развива, а како што покажале други технолошки скандали во минатото, влијанието на новите технологии често се гледа дури откако ќе биде предизвикана одредена штета.

Автор: Клинт Вичалс
Извор: theconversation.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија