X
 22.03.2019 Живот

Хонгконг ќе гради вештачки остров вреден десетици милијарди долари

Соочен со недостиг од земјиште, Хонгконг планира да изгради еден од најамбициозните вештачки острови во историјата на светот - извонреден проект кој ќе го смени лицето на модерниот развој.

Проектот вреден 79 милијарди долари ќе му додаде на градот 1.000 хектари земјиште на кое ќе се изградат 260.000 нови станбени имоти. Се планира проектот да се реализира во близина на најголемиот остров во Хонгконг, Лантау. Колку за споредба, архипелагот Палма Џумејра кај Дубаи, кој исто така е вештачки, има околу 560 хектари.

Но гигантскиот потег предизвика отпор.

Групата „Спасете го Лантау“ (Save Lantau) врши притисок врз властите да размислат за вештачкиот остров, наведувајќи цена која наводно би избришала половина од финансиските резерви на градот.

- Ова ќе биде најскапиот, најсложениот и најризичниот инфраструктурен проект во историјата на Хонгконг - истакнаа од групата.  

Од „Гринпис Хонгконг“, пак, ги критикуваа властите наведувајќи дека тие ги игнорираат поевтините и поеколошките решенија за проблемот со недостиг од земјиште, вклучувајќи го и развојот на земјиштата кои порано биле развиени индустриски предели, но сега не се во употреба.

Така, има одредени информации дека Хонгконг има на располагање 1.200 хектари такви земјишта кои може да се развијат и да се населат, што е поголема површина од онаа на планираниот остров.

Хонгконг е едно од најгусто населените места во светот и цените за сместување се далеку над можностите на жителите. Најскапиот светски пазар за недвижности ги присили граѓаните на Хонгконг да почнат да живеат во контејнери.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот