X
 13.12.2018 Живот

Причините зошто во Хонгконг живеат најбогатите луѓе во светот

Хонгконг стана град со најмногу богаташи на светот, престигнувајќи го Њујорк, кој претходно беше на првото место. Излезе дека без разлика колку азиски богаташи има во светот, многумина своето место под сонцето го нашле во Хонгконг.

Според известувањата, во Хонгконг живеат повеќе луѓе што на сметка имаат над 23 милиони фунти отколку во кој било друг град во светот. Дури 10.000 такви луѓе ги имаат потребните квалификации да го сместат овој азиски град на првото место според богатите, во однос на оние 9.000 ултрабогаташи колку што живеат во Њујорк. Секој седми жител на Хонгконг е милионер, а градот има повеќе од милион луѓе што на сметките имаат пари со броеви со над шест нули.

Зошто Хонгконг е дом на толку богаташи?

Овој град отсекогаш бил лулка на богаташите. Во поголемиот број случаи причина за тоа е што Хонгконг сè уште е „прозорец“ во Кина. Тој е најпопуларен град во земјата кога станува збор за меѓународни работи, исто така е и најистакнат финансиски центар во Азија и сè уште се смета за најдобро место за вмрежување, трговија и пристап до големиот пазар во цела Кина.

Хонгконг исто така е неверојатно популарен меѓу сопствениците на нови стартап-компании бидејќи е прилично лесно и економично да се започне бизнис во овој град. Како странец, имате можност да бидете свој на своето, без барања да бидете државјанин на земјата. Ако на сето тоа се додаде и фактот дека Хонгконг ја задржа позицијата на најслободна економија во последните две децении и дека е рангиран како место со најмалку корупција во светот, па и не е толку чудно што градот ја привлекува богатата и бизнис-елитата.

Хонгконг ја зголемува соработката со деветте најјаки кинески градови, а се претпоставува дека богатството на градот и на неговите жители ќе се зголемува.

Притоа, овој град е дом на најскапиот пазар на недвижности на светот, па и не е изненадување што мнозинството најбогати градови својата моќ ја оствариле токму во недвижности. Најбогатиот човек во градот, тајкунот Ли Ка-шинг, „тежи“ неверојатни 28 милијарди фунти. Сè на сè, во Хонгконг има 933 милијардери и во него живеат девет од 50-те најбогати азиски фамилии.

Моќта на капитализмот има и лоши страни

Додека Хонгконг секоја година брои сè повеќе безобразно богати луѓе, нееднаквоста во градот е најголема во последните 45 години.

Според статистиките на владата од 2016 година, повеќе од 1,35 милион луѓе живеат под границата на сиромаштија. Исто така, статистиката откри и еден тажен податок дека најбогатите домаќинства заработуваат 44 пати повеќе отколку најсиромашните фамилии во Хонгконг.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот