Кинеските научници пресметаа колку изнесува
вештачката интелигенција на „Гугл“, „Бинг“, „Баиду“ и „Сири“, и според нивните резултати, досега најголем напредок е констатиран кај „Гугл“.
Кинеските научници развија тест за мерење на коефициентот на интелигенција за вештачката интелигенција, па пресметале точно колку изнесуваат тие вредности. Тестот покажа дека највисок IQ има вештачката интелигенција на „Гугл“, додека најлошо стои „Сири“ на „Епл“, но доколку се споредат резултатите со оние од 2014 година, видливо е дека во овие неколку години е забележен голем напредок.
Тестот покажа дека IQ на вештачката интелигенција на „Гугл“ изнесува 47,28 %, па научниците истакнуваат дека е малку послаб резултат од коефициентот на интелигенција на шестгодишно дете (55,5 %).
Во 2014 година овој податок изнесувал само 26,5 %. Со оглед на сè поголемите вложувања во вештачката интелигенција, станува јасно дека овие бројки ќе растат во следните години, сè додека, како што предупредуваат многу научници, вештачката интелигенција не ја надмине човечката. Никој не претпоставува што може да се случи во тој момент, а едно од потенцијалните и најстрашни сценарија е дека вештачката интелигенција ќе се сврти против луѓето и ќе го уништи човештвото.
Во моментов не треба да се стравува од „Гугл“, а особено не од „Епл“ и неговата „Сири“, чиј коефициент изнесува само 23,9 %, додека „Бинг“ на „Мајкрософт“ изнесува речиси 32 %, а онаа на „Баиду“ – 32,92 %.
Освен пресметката на коефициентот на интелигенција, кинеските научници предложија и модел за оценување на интелигенцијата на ВИ-системот во контекст на заканите за човештвото – моделот има шест групации, при што првата вештачката интелигенција не може да разменува информации со луѓето, додека најнапредната (и најопасна) шеста групација сама ќе биде во можност да применува нови знаења.
Според тоа рангирање, програмата на „Гугл“ наречена
AlphaGo ѝ припаѓа на третата групација затоа што сè уште е во фаза на истражување и развој, па не може да се смета за креативна, бидејќи сè уште зависи од луѓето кои мораат да ја „тренираат“, а ќе биде интересно да се види колку ќе напредува програмата на „Гугл“ во текот на следните три години и колкав коефициент на интелигенција ќе постигне.