X
 22.03.2019 Технологија

„Волво“ сака да спасува човечки животи и да нѐ направи подобри возачи

Во текот на наредните две години „Волво“ планира да вгради напредна технологија во своите автомобили што треба да ја зголеми безбедноста за сите патници во возилото, но и на други учесници во сообраќајот, како и пешаците.

Од компанијата претходно најавија дека до 2021 година ќе ја ограничат максималната брзина во своите нови автомобили на 180 километри на час за да спречат непотребно, опасно и ризично возење по автопатиштата. Исто така, „Волво“ размислува и за контрола на брзината со која автомобилите во близина на училишта и болници автоматски ќе ја намалат брзината.

волво
Фото: Volvo


Оваа недела „Волво“ најави уште два интересни новитети што би требало да овозможат безбедно возење и намалување на можноста за сообраќајни несреќи и повреди, односно смрт.

Еден од тие новитети е особено интересен за родителите чии деца штотуку положиле, кои сакаат да бидат сигурни дека новопечените возачи нема да возат пребрзо. Од 2021 година купувачите заедно со купените автомобили „волво“ ќе добијат и „Кер Ки“ (Care Key) со кои ќе можат да постават ограничување на брзината на автомобилите.

Другиот новитет ќе биде воведен наредната година, а е поврзан со користење камера и сензори во автомобилите. Сензорите ќе го следат однесувањето на возачот и во случај на проблем, ќе го забават и застанат автомобилот. Ако камерите забележат дека возачот е уморен и дека подолго време ги држи очите затворени, ако не го следи патот, ако неговите реакции се забавени, ако премногу „шета“ по патот и слично, прво ќе се активира посебен сервис „Волво он Кол“ (Volvo on Call), кој ќе го контактира возачот, а ако не одговори, автомобилот ќе забави и ќе застане.

Оваа технологија особено ќе биде корисна во случај на пијани и уморни возачи и луѓе што се под голем стрес и не можат да се сконцентрираат додека возат. Технологијата нема да им дозволи да управуваат со автомобилот и така потенцијално ќе ги спаси нивните животи, но и животите на другите учесници во сообраќајот.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија