X
 07.07.2021 Наша тема

Што им порачаа омилените професори на своите студенти

Да останат истрајни на вредностите, да продолжат со амбициите, да бидат новата енергија на државата, се само дел од пораките на професоорите до нивните студенти

Благодарни што студентите ги вброиле меѓу најуспешните професори во анкетата што на почетокот на јуни месец ја спроведе Факултети мк, професорите ги споделија своите впечатоци, но и совети за своите студенти.
Да останат истрајни на вредностите, да продолжат со амбициите, да бидат новата енергија на државата, се само дел од пораките на професоорите.
Прочитајте што омилените професори им прачаа на своите студенти.

Здравата скепса - основен двигател на личниот и на колективниот развој, на научната мисла и на едукацијата!

Марија Ѓорѓиева Димова, редовен професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филилошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје им порачува на студентите да го негуваат посветениот однос кон студиите и да бидат постојано инспирирани од процесот на стекнување знаења и сознанија.



- Во ерата на глобализација, на дигитална хуманистика и на експлозивниот наплив од информации, академските студии се упориштето што го овозможува комплексниот и долготраен процес на доаѓање до знаењето - но секогаш низ критичко мислење, низ полилошките филтри на дебатата, низ постојано преиспитување, низ интердисциплинарното вкрстување на знаењата, низ контекстуализација на феномените што ги проучуваат. Тоа треба да бидат студентските очекувања, но и нивниот влог во академското образование. Здравата скепса треба да биде нивната константна позиција, зашто тоа е основниот двигател на личниот и на колективниот развој, на научната мисла и на едукацијата-посочува Ѓорѓиева Димова.

Не сте ни свесни за својата моќ!

Професореот Никола Минов од Филозофскиот факултет вели дека предава европска нововековна историја и во рамките на неговите предмети се вклучени настаните во Европа од 19-тиот век, кога студентите биле движечката сила што го менувала општеството.



- Нивната храброст носела рушење на апсолутизмот, носење на Устави, стекнување на право на глас, поквалитетно образование, подобро општество. Зборовите што им ги кажувам на сите мои студенти се: „Не сте ни свесни за својата моќ“. И секогаш за време на предавањата ја гледам жарта во нивните очи и желбата да бидат исти, па и подобри од европските студенти во 19-тиот и во 20-тиот век – жар која опстојува и покрај анемијата во нашето општество. Мојата порака до моите студенти е да не згасне жарта, да не исчезне бунтовноста, да не престане борбата за подобро општество-порачува професорот Минов.

Бидете бунтовни само ако имате став, ако немате - тогаш размислувајте, слушајте и читајте!

Ана Павловска-Данева, професор од Правниот факултет во Скопје им е бескрајно благодарна на сите студенти кои со своето присуство на предавањата, активностите и знаењата што ги покажуват во текот на студирањето го прават нејзиниот животот побогат и посреќен.
- Тие се неисцрпен извор на мојата енергија и колку што тие учат од мене, толку јас од година в година учам од нив-вели таа.



Според неа, нема поголемо признание за еден професор од тоа две години по ред да биде избиран токму од своите студенти за најдобар професор, што верува значи, најдобар пренесувач на знаењето.
- Уверена сум дека овие млади луѓе, по завршување на студиите, ќе умеат да се справат со предизвиците што претстојат за да го најдат заслуженото место во општеството. Нека не очекуваат тоа да го сторат други за нив, ќе мора да се вложат сами да ги менуваат кон подобро состојбите во државава, исто толку колку што сами се вложиле во учењето и студирањето. Како да се постигне ова? Најпрво, почитувајте се себеси и почитувајте ги другите. Обидете се секогаш да бидете праведни, особено во моментите на одлучување.
Кога очекувате нешто од заедницата, запрашајте се што и колку вие сте и пружиле на заедницата. Бидете бунтовни само ако имате став, ако немате изградено став, тогаш размислувајте, слушајте и читајте. Штом го изградите, бранете го ревносно и заземете се за него. На крајот, работете го она што ве прави среќни, не судете и не дозволувајте да ви судат-порача професорката Павловска-Данева.

Знам дека ќе успеете!

Елена Наумовска, професор на Економскиот факултет во Скопје смета дека поминала една специфична академска година, во услови на неизвесност предизвикана од пандемијата.
- Нашиот виртуелен амфитеатар беше нашиот храм, место на надеж и верба, место каде се чувствувавме безбедно и бевме сигурни дека токму тука припаѓаме. Фокусирајќи се на процесот на успешно кумулирање на нови знаења, поривот за себесожалување го заменивме со стремеж за себенадминување. Посветено и безрезервно, обидувајќи се да надоместиме и дел од празнината на другите животни полиња, неизбежна во новата реалност. За да излезат тие знаења и надвор од испитните задачи, да бидат препознаени од работодавците и причина за гордост на родителите. Ќе дојдат и подобри времиња, некои нови студенти повторно ќе ги наполнат амфитеатрите. Но, јас секогаш ќе го носам во срцето нашиот виртуелен амфитаетар креиран во едно чудно време кое можеби и нè предизвика да испорачаме некоја подобра верзија од самите себе-посочи професорката.



На студентите им порача:
- Драги студенти, неизмерно ви благодарам за вашето признание, ми значи повеќе од било каква друга титула или награда. Поддршката која од вас ја чувствувам и довербата која ми ја укажувате за мене се движечка сила и мотивација за безусловна посветеност. Вистинска привилегија е да се биде покрај вас во вашите најубави години, кога сосема мал поттик е доволен за да се најдете на соодветната страна на крстопатот. Верувам во вас и во вашата подготвеност да чекорите цврсто на патот на кој ќе бидете препознаени и ќе дадете свој придонес. Знам дека ќе успеете!

Имајте пристап до најквалитетно образование!

Јован Ивановски, професор од Архитектонскиот факултет во Скопје вели дека пандемијата поради ковид-19 покрена исклучителни предизвици во процесот на пренесување на знаењето на сите нивои на образование, а особено во високото. Високообразовните институции низ целиот свет беа принудени, практично преку ноќ, да го заменат традиционалниот начин на учење лице-в-лице со онлајн далечинско учење, со цел продолжување на образовниот процес.
- Во својата, повеќе од седумдецениска образовна дејност (1949-2021), работата на Архитектонскиот факултет при УКИМ во Скопје била накратко прекината единствено по катастрофалниот скопски земјотрес во 1963 година. Од таа перспектива, двонеделниот прекин на наставата на факултетот во март 2020 година го прикажува и размерот и сериозноста на актуелната криза, но истовремено ја демонстрира и решителноста и подготвеноста на институцијата, наставниците, соработниците и студентите на Архитектонскиот факултет во обезбедувањето на континуитетот на образовниот процес.



Учењето архитектура од далечина бара(ше) радикална промена во начинот на пренесување на знаењето и вештините, како и успешна транзиција на заемната комуникација од непосредна во посредувана, комуникација што ја претставува и самата суштина на педагошкиот проект на архитектурата. Лично верувам дека индивидуалната подготвеност и посветеност пред сè на наставниците претставува критичен фактор при утврдувањето на успешноста на учењето на далечина. Во таа смисла, искрено им благодарам на студентите што ги препознале и високо ги вреднувале моите индивидуални напори да им го пренесам своето знаење, да ги мотивирам, да го поттикнам нивното активно учество во наставата и со тоа да придонесам студентите на Архитектонскиот факултет во Скопје да продолжат да имаат пристап до најквалитетно образование-посочи тој.

Нашата цел е стремежот за изградба на нов и подобар свет. Мојата врата ви е секогаш отворена!

Професорот Денис Поповски од Градежниот факултет им порача на своите студенти:
- Почитувани колеги, ви благодарам на честа, довербата и пофалните зборови. Горд сум на Вашата доверба која ми претставува обврска во сферата на моето делување.
Сакам да ја искажам својата благодарност и кон колегите доц. д-р Миле Партиков и асист. м-р Владимир Дамјановски, со кои како тим напорно работиме да одговориме на сите академски барања на нашата професија и да инвестираме во вашето усовршување во текот на едукацијата, кој труд евидентно вие континуирано го валоризирате.



Колеги, нашите дела како градежни инженери го овозможуваат комодитетот на општеството, ние ја формираме инфраструктурата, ги градиме барањата на прогресот, секогаш спремни несебично и со гордост да одговориме на сите предизвици во креирањето на цивилизацијата. Нашата цел е стремежот за изградба на нов и подобар свет.
Најискрено Ви посакувам многу здравје и успех во сите полиња.
Мојата врата Ви е секогаш отворена. Благодарам.

Знаењето е вистинско богатство кое никој не може да ви го одземе

Ивица Милевски од Природно-математичкиот факултет во Скопје вели дека се труди на студентите да им пренесе максимум од своите знаења, стекнати од неговите бројни, особено теренски истражувања.



- Се обидувам на примамлив, мултимедијален начин да им ги претставам природно-географските појави и процеси, најновите, сознанија, техники и достигнувања поврзани со нив, кај нас и во светот. Студентите со задоволство ги впиваат тие знаења и искуства, а искрено се надевам дека ќе имаат можност и да ги употребат во својата струка, професија и напредок. Најголемо задоволство ми е кога студентите ме прашуваат, кога се активни и кога гледам дека се живо заинтересирани за предавањата. Почитувани студенти, покрај сите премрежија, токму знаењето е вистинско богатство кое никој не може да ви го одземе и на кое ќе се гордеете низ животот. Особено ако има кој да го пренесе, на лесен и интересен начин, изворно, практично, искрено и од се срце-порача професорот Милевски.

Се гордеам со вас!

Игор Мишковски, професор на ФИНКИ вели дека иако оваа академска година била полна со предизвици, навистина уживал во часовите со неговите студенти.



- Особено го ценам нивниот придонес во курсевите преку нивната редовност и активност, исполнување на обврските и почитување на новите правила, а особено преку нивните сугестии и спроведените анкети за време на часовите. Имам чувство дека иако работевме во отежнати и несвојствени услови покажавме дека образованието (како и секој друг сектор во државата) може да се промени на подобро и да функционира, а за сето тоа беше потребна само мотивација и труд. Секако нашата мотивација и вложен труд би биле залудни ако не беше посветеноста на деканот и продеканите на ФИНКИ, натчовечкиот напор на вработените во Компјутерскиот центар, сугестиите на студентскиот парламент на ФИНКИ,, но и соработката со колегите (професори, асистенти и демонстратори) на ФИНКИ со кои разменувавме искуства, споделувавме проблеми и наоѓавме решенија. За крај, сметам дека вработените и студентите на ФИНКИ може да бидат горди со тоа како се справија со новонастанатата ситуација во многу краток рок, а јас уште погорд на моите студенти кои успешно ги завршија курсевите и веќе се спремни да создаваат големи работи користејќи ги своите знаење и талент. Ви благодарам за изборот и горд сум на вас!-посочува професорот Мишковски.

Сериозното студирање е вистинска инвестиција!

За Марко Костовски, асистент на Медицински факултет во Скопје мислењето на студентите му претставува императив во работењето и поради тоа од срце им благодари за овој момент.



-Би сакал да им порачам на студентите дека сериозното студирање, односно стекнатото знаење и способности, претставуваат вистинска инвестиција во вашата идна професија. Тоа ви дава самодоверба и мотивација и неизбежно ви гарантира успешност. Ви посакувам среќна и успешна иднина-порача тој.

Образованието, стекнатото знаење и вложениот труд се врвните вредности на еманципираниот и слободен ум

Горан Илиќ, професор и декан на Правниот факултет при Универзитет „Св. Климент Охрдиски” во Битола на студентите им посакува:
-Следете ја сопствената визија, трагајте по знаењето и мудро чекорете во животот, притоа знаејќи дека вашето образование, стекнатото знаење и вложениот труд се врвните вредности на еманципираниот и слободен ум како главен чинител на општествениот прогрес.

Професијата наставник е најсветата професија! Оставете ја книгата отворена!

Бисера Костадиновска-Стојчевска од Педагошкиот факултет при Универзитет „Свети Климент Охридски" Битола на своите студенти им порача:
- Драги студенти, професијата наставник е најсветата професија! Да се биде учител, наставник, професор значи да се влијае врз обликувањето на иднината на едно општество! Затоа, впијте од нас се што можете во овие 4 години за да влезете во професијата која сте ја одбрале повеќе од подготвени! Образованието е приказна која никогаш не завршува. Оставете ја книгата отворена!



Со трижпати поголема љубов пренесувајте го заветот - како се љуби и чува нашиот преубав македонски јазик

Ана Витанова Рингачева од Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип вели дека професорската професија за неа е чиста љубов.



- Таа едноставно се сака и за неа се живее. Студентите се моите најискрени соговорници. Се трудам да им дадам крилја за да се издигнат над просечноста, но да останат скромни, емпатични и доблесни луѓе, да се вардат од суета и никогаш да не станат нејзини робови.
Приказните за тоа какви професори и пред сѐ какви луѓе сме, надвор од факултетските предавални ги пренесуваат нашите студенти. Тие се барометарот за тоа, колку сме успеале да одговориме на предизвиците на професорскиот позив – стожерот на секое општество. Ме фасцинира нивната младешка љубопитност и желба да го променат светот на подобро. Посакувам, со трижпати поголема љубов да го пренесуваат заветот за тоа, како се љуби и чува нашиот преубав македонски јазик - порача професорката Ана.
Подготвил: Радмила Заревска / radmila.zarevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема