Американската вселенска агенција НАСА планира утре да испрати две ракети на височина од над 160 километри за да поминат низ поларната светлина, позната како аурора бореалис.
Експертите знаат многу за овој природен феномен, но има уште неодговорени прашања. Поточно, научниците не се сигурни како поларната светлина реагира во контакт со атмосферата на Земјата, а токму тоа треба да го открие мисијата на НАСА.
Погорните слоеви од нашата атмосфера се изложени на сончеви зраци на поинаков начин од нас на површината, а овие зраци го менуваат составот на атомите. Кога се формира поларната светлина, таа дополнително влијае врз овие промени.
Фото: Pixabay
Поларната светлина е појава која се јавува кога електрони од сончевите зраци кои се наоѓаат во атмосферата доаѓаат во контакт со други честички. НАСА ќе се обиде да открие што се случува со честичките во поларната светлина во просторот помеѓу различните слоеви во атмосферата.
Агенцијата ќе лансира две ракети од Алјаска кои ќе бидат испратени директно во поларната светлина. Станува збор за мали ракети кои може да стигнат до вселената за само неколку минути и потоа паѓаат на Земјата.
Едната ракета ќе испушти гасови за да го открие движењето на ветерот во близина на поларната светлина, а другата ракета ќе ги измери температурата и густината во воздухот во близина на поларната светлина.
Извор:
Cnet
Насловна фотографија: Pixabay